На Македонија и се потребни само 250 милиони кубни гас, но и за тие нема сигурна алтернатива
Потребни и се само 250 милиони кубни метри гас, но сепак Македонија е најзависна од другите во регионот, од кои повеќето имаат активна мрежа или ќе градат терминали. Додека повеќето се борат за што повеќе алтернативи за снабдување, Македонија се уште чека на друга опција. Досега може да се донесе само рускиот гас преку Меѓународниот коридор 8 кој поминува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија.. Амбасадорот на САД, Џес Бејсли, на конференцијата „Македонски енергетски форум 2018“ во Струга рече дека Македонија е една од најзависните земји од другите во регионот и светот за тоа како и дали ќе и биде испорачан гас, а тоа го потврдуваат аргументите на извештајот на „Булгартрансгаз“ за наредните 10 години изнесени преку бугарскиот „Капитал“.
„САД веќе долго време застапуваат проекти како што е јужниот коридор за гас кој ќе и` овозможи на централна и јужна Европа да добие пристап до гас од Азербејџан. Исто така извозот на течен природен гас од САД почнува да се извезува кон северните терминали и Грција“, додаде американскиот амбасадор.
Бугарија во моментов се бори да стане регионален играч во дистрибуцијата на природен гас, а оптимизмот на премиерот Бојко Борисов по средбата со рускиот претседател Владимир Путин е се поголем. Бугарија треба да започне со изградбата на приклучокот кон „Турски поток“, а мрежата да биде готова по 2020-та. Но за тоа, како што тврди „Капитал“ се потребни стабилни клиенти, а единствен сигурен „муштерија“ за купување преку Бугарија е само Македонија.
Прашање е и тоа дали ќе биде доволно, бидејќи заради ликвидност се потребни поголеми средства, а потребите на Македонија засега се само 250 милиони кубни годишно, со најоптимистички прогнози тие да се претворат во милијарда, но само доколку брзо напредува економијата и се изгради добра инфраструктура.
Концептот на дистрибутивен центар за гас на територијата на Бугарија е проект на кој се работи заедно со Европската комисија. Земјата се бори да ја задржи стратегиската позиција на европската гасна мапа, и да не дозволи да бидат заобиколени од големи инфраструктурни проекти.
Од планот на „Булгартрансгаз“ за развој на мрежите во следните 10 години може да се задржи вниманието на некои доста интересни факти за тоа како земјите во Југоисточна Европа работат за свои интереси и какви проекти во гасниот сектор реализираат или планираат, додека во Бугарија постои само периферно учество.
Турција низ една од цевките на „Турски поток“ ќе добива 13 милијарди кубни метри гас директно од Русија и ќе стане независна од бугарската компанија, која досега „посредуваше“. Турција се снабдува и со течен LNG од Алжир и Нигерија, внесува гас од Иран и Азербејџан, а развива и програма на обезбедување сопствени извори. На крајот на мај започна да спроведува договорени шест милијарди кубни метри од азербејџанското наоѓалиште „Шах Дениз 2“. Според извештајот на „Булгартрансгаз“, Турција со тоа има капацитет и да доставува и да транспортира до соседните земји во Европа.
Грција во последните десет години ја удвои потрошувачката на четири кубика, а во иднина ќе и требаат 5,5. Се снабдува од LNG терминали, преку Бугарија од Русија, преку гасоводна врска со Турција. И Грците ќе примаат гас од наоѓалиштето „Шах Дениз 2“, а ќе се поврзе и со танкерските флоти на Медитеранот како проект од „заеднички интерес“ на Европската комисија. Во Александропулос ќе се гради терминал за LNG од Алжир, Катар и САД, а како можен клиент тука во комбинација е и Македонија.
Трансјадранскиот гасовод TAP треба да ги поврзува Турција и Италија преку Грција и Албанија, а тој би требало да биде поврзан со Транс анадолискиот гасовод кој треба да носи гас од Азербејџан.
Хрватска на островот Крк гради терминал за LNG со поддршка од ЕУ и САД, а истиот ќе биде готов во 2020-та. Не е земја-пренесувач низ која транзитира гас, но со овој терминал ќе обезбеди две милијарди кубици за себе.
Дополнително, Хрватска, Албанија и Црна Гора оваа пролет се договорија со азербејџанската национална гасна компанија SOCAR за изградба на гасовод од Грција по брегот на Јадранското Море кон Словенија, Австрија и Италија. Целта е од таму да се транспортира каспискиот гас што влегува во Турција преку ТАНАП.
Србија 80 насто од своите потреби ги задоволува со руски гас преку Украина, Романија и Унгарија. Доколку во иднина Русија одлучи да го прекине гасот кон Украина, таа земја има свои огромни извори и може да се договори со Србија, која има плус-алтернатива и преку Бугарија.
Романија е реиси целосно независна и потрошувачката од 11 милијарди кубика ја задоволува со 85 отсто од сопствените капацитети.
