Економија, финансии, бизнис

Контакт

На мака јунак се познава! „Макпетрол“ ја зголеми дивидендата за 50 отсто, ќе подели пет милиони евра

На мака јунак се познава! „Макпетрол“ ја зголеми дивидендата за 50 отсто, ќе подели пет милиони евра

Со овој голем исчекор во услови на силно изразена глобална енергетска и економска неизвесност „Макпетрол“ покажа исклучителна грижа за своите вработени кои воедно и се негови најбројни акционери. Ова е пример за корпоративно управување со силно истакната грижа за работничко акционерство! Неговите вработени меѓу себе ќе поделат најголем дел од 1,8 милиони евра бруто дивиденда

Најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати „Макпетрол“ ќе подели пет милиони евра на своите акционери! Ова е една од предлог-одлуките на претстојното акционерско собрание што ќе се одржи на 30 мај годинава. Овој чекор на „Макпетрол“ денеска беше примен со јасно задоволоство кај инвеститорската заедница во земјава. Акијата достигна ниво од 76.000 денари, што за еден час тргување е раст од 1,5 отсто.

Во предлогот на одлука за распределба на добивката за 2021 година која ќе се најде на гласање пред акционерите, најголем дел од профитот ќе оди за исплата на дивиденда.

За секоја акција со право на глас во „Макпетрол“ компанијата ќе исплати бруто износ од 3.000 денари, што е за 50 отсто повеќе од лани кога беа исплатени 2.000 денари дивиденда.

И уште три предлог одлуки се силни аргументи во прилог на корпоративната политика со која „Макпетрол“ искажува високо ниво на грижа за своите акционери.

Првиот предлог е нешто помалку од пет милиони евра компанијата да ги реинвестира во дејноста, со што и понатаму ќе продложи да биде лидер во малопродажбата на нафтени деривати.  

Вториот е тоа што безмалку пет милиони евра се пренесуваат за наредна година што значи дека не се исклучува можноста да се поделат во некои идни подобри и помалку неизвесни времиња.

И третиот е тоа што „Макпетрол“ ќе чува околу пет милиони евра за сопствен откуп на акции. Тоа за малите акционери е сигурност дека компанијата ќе ја брани пазарната цена на таа акција. Тоа сигурно ќе ја направи поатрактивна за вложување на мали акционери, но и за големи институционални инвеститори меѓу кои се и отворени и затворени инвестициски фондови.

„Макпетрол“ има повеќе од 2.300 акционери – домашни физички лица кои контролираат 59 отсто од акциите. За нив се наменети речиси 1,8 милиони евра бруто дивиденда. Најголем поединечен акционер е транспортната компанија ОИЛКО која всушност е фирма ќерка т.е. командитно друштво на „Макпетрол“. Поседува 23 отсто од акциите.  

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести