На кризата во еврозоната и се ближи крајот?
Благодарение на економијата на Франција и излегувањето на Грција од рецесијата, членките на еврозоната во третото тромесечие оваа година забележале поголем раст од предвиденото. Европската комисија е охрабрена со новите податоци, но предупредува дека е неопходно да се продолжи со структурни реформи и поголем прилив на директни инвестиции.
Според податоците на агенцијата за статистика на Европската унија, земјите на еврозоната, во периодот од јули до септември, забележале раст од 0,2 одсто, на годишно ниво за 0,8 одсто.
Портпаролката на Европската комисија Мина Андреева порачува дека тоа се добри вести, но дека нема место за задоволство.
„Потребна ни е одлучна политика за да ја зајакнеме економската обнова, како и амбициозни структурни реформи и средства со кои ќе привлечеме инвестиции“, истакнува Андреева.
Германија избегна најлошо сценарио на рецесија. Сепак, нејзината индустрија сериозно ја погодуваат санкциите воведени на Русија, па во третото тормесечие бележи раст од само 0,1 одсто. Нешто подобри податоци има втората европска економија - Франција со раст од 0,3 одсто.
Аналитичарот Џо Рандл оценува дека еврозоната има реални структурни проблеми, а единствената светла точка - Германија почнала да забавува.
Очекувам дека Европската централна банка ќе сака слабо евро и инфлација. На Европа, во спротивно, и се заканува ризик од изгубена деценија, како онаа што се случи во Јапонија“, смета Рандал.
Грција, после шест години, се извлече од рецесијата бидејќи оствари раст од 1,4 одсто.
„Тоа е навистина позитивно бидејќи покажува дека грчката економија се стабилизира и ги отвара вратите кон економскиот раст“, оценува финансискиот аналитичар Никос Кафкас.
Атина се подготвува да стави крај на аранжманот со меѓународните кредитори, вреден 240 милијарди евра, кои ја извлекоа од „големата депресија“. Тоа, меѓутоа не помогнало да се намали невработеноста.
Од друга страна, граѓаните на Атина истакнуваат дека подобрувањето уште не се чуствтвува. За разлика од Грција, Италија бележи пад на економските активности од 0,1 одсто. Владата на премиерот Паол Ренци започнала структурни реформи на пазарот на труд, па на улиците повторно излегле претставници на неколку синдикати, незадоволни со измените на законот за работа и образование.
И.Р
