На колкава сума е проценета палатата на ВМРО-ДПМНЕ?
Од два па до девет милиони евра. Во јавноста има различни проценки за тоа колку вреди седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а големата ширина на калкулацијата се должи на затвореноста на партијата кога станува збор за достапноста во објектот и податоците кои ги изнесува во јавноста.
Неодамна лидерот на партијата Христијан Мицкоски најави можност палатата „Христо Татарчев“ да оди на продажба или да се изнајмува. Според проценителите, главна причина за тоа е економската неодржливост на објектот додека истовремено со шпекулациите дека партиската каса повеќе не е толку богата како во времето додека партијата цврсто се држеше на власт. Во прилог на тоа оди и промената на законот за политички партии која произлезе од лидерските средби со кои се зголеми издвојувањето од државниот буџет за политичките партии од 1,8 на 4,5 милиони евра. Извори од владеачкиот СДСМ тогаш наведоа дека тоа се прави за да му се помогне на ВМРО-ДПМНЕ.
Единствено е познато дека на ВМРО-ДПМНЕ на неколку дена пред изборите му е одобрен рамковен риволвинг кредит од три милиони евра од страна на Комерцијална банка а под залог партијата под хипотека ја дава веќе изградената палата заедно со подвижен имот и опрема.
Според логиката на проценителите, седиштето најверојатно ќе „прогласи стечај“ поради неодржливост, а потоа истото ќе биде проблем само на Комерцијална банка, која ќе треба да бара купувачи.
- Се што е луксузно, е скапо. Односот на кредитот кон вредноста на хипотеката може да биде еден спрема три, па така сумата може да достигне и девет милиони евра. Од аспект на купувачи, може да се пренамени во хотел или во управна зграда на некоја компанија или банка која ќе може да ги плаќа скапите сметки за струја, вода, комуналии - вели стручњак од Скопје кој има свое биро и професионално се занимава со проценување. По контактот, не сакаше името да му биде објавено за да не му се лепат политички етикети.
Вели дека проценка на вредноста може да се даде од голо око.
- Според она што може да се види од надвор и според еднократните новинарски снимки направени само од приземјето, но не и од спратовите, се работи за сума од 4 милиони евра. Но само според она што е веќе видено, а не плус тоа што не е. Се е екстра квалитетнио, не е обична плочка, тука се скапи слики и теписи. „Бетон“ има добар рејтинг и се што е направено од нив се смета за квалитетна градба. Според мое искуство, доколку не можат да отплатат рата од кредитот пет месеци по ред, се распишува стечај и би се проценил имотот - вели соговорникот.
Комерцијана банка, согласно деловните правила, не дава информација за тоа колкава е проценетата вредност на објектот, колку од подигнатиот револвинг кредит е земен досега, колкава сума е вратена и дали се враќа редовно согласно планот.
„Банката не е во можност да одговори на вашите прашања, со оглед дека податоците и информациите поврзани со клиентите претставуваат деловна тајна - ни одговорија од таму.
Градежен инженер од позната скопска градежна фирма вели дека цената на зградата без се што е внатре сигурно вреди над два милиони евра. За тоа што е ентериер вели дека не може да се коментира затоа што уметноста различно се проценува. Сепак додава дека на оваа згрда и се ограничени можностите за употреба, затоа што е на таква локација.
„Не може да биде ни хотел веќе, затоа што навистина е некако без пристап. Единствена намена би била за администрација, вели соговорникот.
A.K.