Економија, финансии, бизнис

Контакт

На кого му одговараат меѓуетнички тензии и пораст на националистичка реторика?

На кого му одговараат меѓуетнички тензии и пораст на националистичка реторика?

За краток период, преку неколку настани поврзани со протестите на студентите Албанци во Скопје, како и преку скандалозните навивања и гестови на навивачки групи и спортски екипи, се подигна јавниот говор на омраза, нетрпеливост и нов бран на обвинувања. Овие обвинувања, пред сè меѓу Македонците и Албанците, се однесуваат на „лојалноста кон државата“, „почитувањето на човековите права“, „докажувањето кој јазик и народ е постар“ и „кој на кого му дава права или го толерира“.

Погледнете ги ставовите, колумните, статусите и интервјуата на дел од „интелектуалците“ – да, оние истите сурогати кои верно „чекаат коска пред месарница“. Гледајте и слушајте ги добро, па пронајдете слични нивни изјави во некои претходни инциденти и периоди на меѓуетничка нетрпеливост.

Ќе ги видите практично истите излитени фрази: „Македонците се тие што треба да им бидат благодарни на Албанците што имаме унитарна држава“ или, пак, обратно – „Албанците да престанат да бараат преку леб погача“. Овие наративи на меѓусебно обвинување, кои иако лежат кај речиси секого и се малку подлабоки од оној јавен и куртоазен однос, сепак не треба да бидат детерминанти за меѓуетничките односи.

Затоа и македонската јавност треба да научи да не се скандализира премногу лесно на секоја провокација и недоличен гест. Ниту, пак, Албанците може да ги обвинуваат сите Македонци и македонскиот народ како колектив дека „се полни со омраза и сакаат да го забранат албанскиот јазик“.

Според уставното уредување, албанскиот јазик де факто е службен јазик на целата територија на Македонија и може да се користи слободно во сите институции, како и во комуникацијата меѓу граѓаните и државата. Но, исто така, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се службен јазик за целосна домашна и меѓународна употреба, па бегањето од него и неговото свесно игнорирање не придонесува кон национална и општествена кохезија.

Активиран ли е националистичкиот јинг-јанг?

Доволно за употребата на јазиците, ајде малку да се фокусираме и на вештачките наративи на едни исти играчи кои повеќе од 20 години – секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт – сакаат сите Македонци да ги претстават како албанофоби. Истите тие, повеќе од две децении директно или индиректно беа на власт. Во тој период можеа да ги решат сите етнички грижи на Албанците, но и да работат на економски, социјални, културни и здравствени програми, наместо да се богатат и да станат посебна елита.

Можеби овој добро познат „јинг-јанг“ е повторно активиран за подгревање на националистичките страсти во време кога економијата е на дното во Европа, кога платите се најниски споредено со земјите од соседството, кога немаме јасна европска перспектива и кога ветувањата за реформи во правосудството и државните органи и натаму тапкаат во место.

Можеби политичките елити го опипуваат пулсот за можни предвремени избори, особено што кај дел од владејачките и опозициските партии дојде до реструктурирање на кадрите, па можеби сакаат тоа да го верификуваат и преку нова распределба на мандатите во Собранието.

Покрај овој дегутантен хор, за среќа се јавуваат и нови млади и разумни гласови кои гледаат преку пропагандата, преку скроените изјави и потпалувачки тактики и кои имаат повисоки стандарди и очекувања од политичарите и нивните сурогати, иако можеби делуваат како малцинство, сепак нивните пораки се многу помоќни, само ако им се даде соодветно внимание и простор, наместо репризи на епизодите кои ги гледаме од 90-те до денес.

Х.С. 

Слично

Поврзани вести