На хартија работничките права се исти за сите: Во фабриките почитувањето е лотарија
Постарите генерации на нашите простори пораснаа со тешки работнички приказни. Ги доживеаја и нашите родители, ги живеат и сегашните генерации. Болно е, ама во Македонија работничкото право е прашање на лотарија – некому ќе му се посреќи, другиот ќе е злоупотребен. И малкумина ќе ја издвојуваат битката до правдата. И членството во Европска Унија, толкупосакувано, нема да е од полза ако ние и буквално не заличиме на ЕУ. Во работничките права има многу за постигнување.
Филип Нелковски е поранешен жител на Австрија. Тојседум години живеел таму како дел од Инвест-Македонија. Остварувал средби со австриски и со македонски стопанственици, работници, доселеници. Извлекол едноставен заклучок - тоа што кај нас постои формално, на само 1000 километри северозападно од нас функционира во реалноста. Не е беспрекорно, има случаи на прекршувања и на дискриминација, но има и една клучна разлика.
„Законската рамка и во Австрија и во Македонија обезбедува еднакви услови за сите вработени. Меѓутоа, проблемот е во имплементација на законот. Тука нели постојат крупни разлики. Луѓето се охрабуваат да ги пријават тие случаи доколку ги има. И едноставно свеста на работодавачите таму е различна од свеста на работодавачите кај нас. Свеста и перцепцијата се дежурни виновници за многу наши проблеми. Штета што не можеме да ги уапсиме и да ги казниме, вели Нелковски.
Но свеста е производ на реалните услови во кои што се развива. Едно е да се зборува за инциденти со дискриминација врз работниците и со прекршување на нивните права. Сосема друго е кога тие појави стануваат основно градиво на системот. Такви не стануваат поради свеста, туку поради феноменот наречен овозможувачки околности. Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати вели дека работниците во трудо-интензивните дејности и уште некои одредени сектори работат под стрес. Додава дека најголемиот проблем со непочитувањето на работничките права е онаму каде што заменливоста е најголема поради ниската потреба од квалификации и поради заситеноста на пазарот создадена од децениите на голема невработеност.
„Значи работат во страв дека ќе го изгубат своето работно место и дека не можат да го преживеат месецот што следува и дека немаат пари за да водат судски рочишта кои што траат многу долгу и чинат многу. А ретки се гранките каде што нема заменливост на работниците, таму каде што се дефицитарни. Тоа е ИТ секторот и можам да кажам, тоа е еден од ретките сектори во кој што нема заменливост на работниците. Но во другите гранки каде што има и особено во сензитивните гранки во трудо-интензивните дејности е многу голема и честа таа појава. Тука се чевларската дејност, текстилната дејност, но може да има заменливост и во делот на јавниот сектор, вели Ралповски.
Постојаните и неказнети прекршувања на работничките права го одбележаа периодот што го нарекуваме транзиција. Премин од еден систем во друг. Фактот дека тие се уште траат, не тера да зборуваме за вечна транзиција. Постојан премин со непрекинат лов во матно, во кој правилата и важат и не важат. Како кај Шредингер
Кристина Ампева од Гласен Текстилец вели дека во Македонија најверојатно се има голема храброст и нема страв од законите кога институциите велат дека еден работник сам си го напишал спогодбениот отказ, аработниците сведочат дека воопшто не ставиле никаков потпис.
„Од самостојувањето на нашата држава до ден денес сметам дека синдикатите и институците, властите целосно потфрлија во заштита на работничките права, подобрувание на работните места, зголемувание на платите. Имавте 30 години дискриминирана група на работници и на граѓани. Тоа ви кажува дека историски гледано, работите се влошувале на место да се подобруват, вели Ампева.
Има ли формула за излез од маѓепсаниот круг? Секогаш има. Само треба да погледнеме наоколу и да видиме што прават другите, кои што не се во тој круг. Како е во Австрија?
„Во Австрија имаме специфична ситуација бидејќи сите работодавачи од еден сектор, без разлика колку вработени имаат или колку се големи, треба да бидат членови на Асоцијацијата на работодавачите. Како резултат на тоа, секој работодавач мора да примени колективен договор. Значи ако во одреден сектор има постигнат колективен договор, сите работодавачи мора да го применат. Затоа стапката на покриеност во Австрија со колективни договори е многу висока. Повеќе од 98 проценти од сите вработени се покриени со колективни договори, вели Мартина Шнелер синдикат Про-Ге, Австрија.
Синдикатот Про-Ге е еден од најголемите во Австрија, со 235 илјади членови и ги покрива индустриите за хемиски производи, хартија, стакло, масло, земјоделски производи, привремена работа, текстил, рударство, електрика и електроника, нафта и гас, енергија, луксузни стоки, кожа, метал, исхрана и други. Како постигнале 98 отсто покриеност? Склучуваат по 140 договори годишно и активно го следат почитувањето. Социјалниот дијалог е силен и државата ретко кога има потреба да интервенира. Но секогаш е подготвена ако треба да се вклучи.
„За време на пандемијата социјалните партнери – работодавачите, синдикатите и владините претставници, властите, испреговараа краткорочни работни шеми. Ова беше многу важно за време на кризата, за да се избегне поголема невработеност, додава Шнелер.
Инаку во Македонија над 70 отсто и од вработените и од невработените се со средно или со пониско образование, а со години над 70 отсто изнесува и долгорочната невработеност. Од 150 илјади невработени, многумина би прифатиле работа под какви било услови. Тоа никогаш не е добро за исполнувањето на работничките права.
А замислете – одите далеку од дома за да берете плодови, да работите на градилиште или да помогнете во туристичката сезона, и може да ве пречекаат луѓето како Кордула Фоч од организацијата Сезионери. Ќе ве подучат какви права имате, што смее и што не смее да бара од вас работодавачот.
„Еден важен дел е да ги информираме луѓето за нивните права. Па одиме во полињата, одиме во стаклениците и дистрибуираме материјали на различните јазици што ги зборат луѓето. Имаме информативни материјали за нивните права, како основни работи, но само за да ги запознаеме, а исто така имаат и контакт таму за да се јават ако се во неволја, на нивниот мајчин јазик, вели Кордула Фоч, здружение Сезионери.
Но ова не е појава што ги засега само сезонските работници. Една од многуте категории македонски иселеници во Австрија се квалификуваните луѓе што заминале за подобри можности во иднина, по цена на полоши услови денес. Тоа може да донесе штета и на двете држави, оценува Ѓорѓи Филипов, долгогодишен македонски дипломат во повеќе европски земји, денес стопанственик во Виена.
„Се образовале во Македонија, за нив е вложено наши средства таму да се образоваат, почнале да работат, ги стекнале првите искуства и доаѓаат овде веќе како со соодветно искуство и почнуваат одма да работат, за малку пониска плата отколку што би ја примале да биле овде завршени, да биле Австријци, се уште не го познаваат јазикот, најчесто зборуваат англиски, и тој период на адаптирање трае од три би рекол до пет години, вели Филипов, поранешен амбасадор во Австрија
Заменливоста на работниците, посебно на пониско квалификуваните работни места, е клучен овозможувачки фактор за нарушување на човековите права. Но додека сите трпеливо чекаме решение овој проблем од државните институции, синдикатите и од другите чинители, се чини дека тој почна сам да се решава, на најнеповолниот можен начин.
Целата епизода од серијалот „Дали личиме на ЕУ – Пристојната работа е човеково право, а не прашање на лотарија“, може да ја погледнете на линкот овде.Оваа епизода е дел од документарниот серијал „Дали личиме на ЕУ“ продуциран во рамки на истоимениот проект на Балкон3, финансиран од Европската Унија.
