На Грција и е продолжена помошта уште четири месеци
Програмот на финансиска помош на Грција ќе биде продолжен на уште четири месеци, соопштуваат вечерва за Ројтерс неименувани извори после завршувањето на вонредниот состанок на министрите за финансии на еврозоната во Брисел.
Грчката телевизија Скај вечерва потврди дека Атина до понеделник мора на Брисел да му ја претстави новата листа на реформи кои планира да ги спроведе, во ранки на продолжениот програм на финансиска помош.
ТВ Скај прецизирала дека листата на реформи мора да вклучува детали за тоа како Атина планира да се избори со затајувањето на данокот и корупцијата, и како мисли да ја реформира дисфункционалната јавна администрација, пренесува „Гардијан“.
Покрај тоа, Грција треба да ги претстави мерките за завршување на хуманитарната криза во земјата, која е резултат на шестгодишната рецесија и строго буџетско штедење, на кои Атина се обврза во рамки на постоечкиот програм на меѓународната финансиска помош.
После вестите дека министрите за финансии на Грција и еврозоната ги доближиле ставовите, еврото зајакнало во однос на доларот, а на американските берзи е евидентиран раст на акциите.
Грција побарала шестмесечно продолжување на помошта без обврски истовремено да спроведува мерки на штедење поврзани за таа помош, што би и дало време да подготви нов предлог за планот на помош.
На грчкиот предлог најмногу се спротивставувал Шојбле, кој оценил дека тој е недоволен.
