На граѓаните им е „преку глава” од селективна правда!
Државата одамна, уште пред Пржино е доведена во недемократска состојба. Поделбата на власта како минимален демократски принцип е сеуште во сфера СФ имагинација, бидејќи “Државата и Партијата” се споиле и станале едно цело - тоталитарно политичко тело кое ги има узурпирано институциите - оттука тие се девастирани, нефункционални и ексклузивни - ги исклучуваат сите останати - вака доц. д-р Ана Чупеска од Правниот факултет “Јустинијан Први” ја оценува општествено-политичката состојба во земјава. Политичката криза како што вели очекува да продолжи и во наредните месеци, а очекува и уште поинтензивиран притисок кон псевдо-егзекутивата на чело со Димитриев или де факто, Груевски.
“Судбината на Пржино, е иста како судбината на сите договори направени со ВМРО-ДПМНЕ. Нема договор, има само “фолирање. За ова покрај мноштво дуги, сведочат и доказите како, да потсетам – исфрлањето на пратениците од парламентот на 24 декември, изборната измама во 2011, незаконското прислушување на граѓаните итн, итн... Безбројни се примерите”-смета Чупеска.
Аболиција, селективна или неселективна, според неа не би смеело да има, бидејќи по сите морални и правни предиспозиции таа претставува цивилизациски исчекор наназад, односно вели е чиста перверзија. Но, смета дека сеуште постои можност да се санира оваа ситуација, дотолку повеќе што имаме и отворена подршка од НАТО. Дипломатите, додава доц. Чупеска како никогаш до сега, имаат усогласени ставови и испраќаат исти пораки.
“Се разбира жестоките и синхронизирани реакции на меѓународната заедница во поглед на “пардонирањето”- и апелот итно аболицијата да се повлече треба да се сватат многу сериозно и соодветно да се постапи. Реакциите се изненадувачки директни. До сега тие не биле толку директни и отворени. Индикативно е и зголеменото присуство на т.н. “тешкаши”, што на крајот, кај мене внесува доза на оптимизам во поглед на разрешувањето на ситуацијата. А, пораките се јасни - демократизација на земјата мора да има, а селективна правда и култура на неказнивост не смеат да бидат повеќе принцип овде. Во тој правец е и повикот да партиите да се држат до Пржнскиот договор – суштествено, да се поништи аболицицијата, да се овозможи непречена работа на СЈО”-потенцира доц. д-р Чупеска.
Уставниот суд кој практично ги отвори вратите за повторно свикување на Собранието според неа е симптомот кој укажува дека во оваа земја не постои поделба на власта. Доц. Чупеска вели дека судот неколку пати се прогласи за ненадлежен за круцијални прашања, а кога одлучувале пак одлучиле неуставно и антицивилизациски. Оттука, правните последици, треба да се анализираат само во светлото на “авторитарниот процедурализам “ кога преку правото се инсталира неправда, т.е. со правото-правните акти се легализираат илегални активности. Стерилниот легализам, според неа не е решение, туку е проблем.
“Па тие го легализираа аболицирањето на изборни измами, Ве молам.Работата на Уставниот суд, едноставно не вреди да се коментира, дотолку повеќе што и со овој таканаречен “преседан” се покажа повторно дека судот како да работи на далечински управувач, а по партиски нарачки. Се разбира, со чест на исклучоците во неговиот персонален состав. Институциите на нашиот политички систем се “окупирани” од Партијата, а на неа, не и одговара етаблирање на владеење на правото. Оттука, толкав отпор. Луѓето пак во нив, се многу уплашени, дека се под уцени и закани за своите работни места. И клиентелизмот на останатите, исто така контрибуира во оневозможување на правдата”- смета доц. Чупеска.
Во овој правец како што вели час поскоро треба да се смисли начин како да се санираа “оневозможувањето на правдата”.
“Правно-концептуалните предизпозиции се исполнети, како што разбрав со кривичното дело “оневозможување на правда” но мора да сe осмисли и имплементацијата и гаранциja за спроведување на ова. Правото во оваа земја имено е средство за принуда, а не за реализација на правда. Граѓаните ми се чини нема да се откажат од правото на протест против нелегитимна власт, иако овде на власта не и e спорен само легитимитетот туку и нејзината легална заснованост е сериозно доведена во прашање – за што слушнавме од бомбите на Заев, посебно за изборните измами”- објаснува Чупеска.
Незадовоството на граѓаните кое повеќе од еден месец го изразуваат на улица преку антивладините протести очекува со несмален интензитет да расте и во следниов период. Очигледно како што вели е дека на граѓаните им е “преку глава” од селективната правда и од културата на неказнивост.
“Убедена сум дека граѓаните нема да се откажат од протестот и од правото да имаат легална и легитимна власт- која и да е таа. Оттука, што поскоро се вратиме на Пржинскиот процес и што поскоро се формира техничка или експертска влада толку подобро за сите”-порачува доц.д-р Ана Чупеска од Правниот факултет.
С.Б.
Слично
