Над еден милион евра ќе чини обновата на „Трескавец“
Речиси 1,3 милиони евра ќе чини обновата на манастирскиот комплекс „Успение на пресвета Богородица“ Трескавец кај Прилеп, кој беше зафатен од пожар пред точно една година.
Комплексот, во кој до темел изгореа манастирските конаци, ќе се реновира фазно.
„Се доработуваат некои делови на проектот за што поавтентичен изглед на манастирските конаци. Станува збор за површина од 1.400 метри квадратни. Откако ќе се доработи, последниот збор го има Националниот конзерваторски центар од Скопје за потоа да се распише тендерот за изведувач“, вели директорката на Прилепскиот завод и музеј, Гордана Данилоска Спироска.
Досега преку донации од фирми, граѓани, институции и од локалната самоуправа во Прилеп се собрани околу 100.000 евра. Се изгради и патот до манастирот во должина од седум и пол километри за да може да започне реновирањето.
„Се надеваме дека со новата градежна сезона ќе почне обновата. Фаза по фаза. Уверувам дека изградбата на конаците ќе заврши за околу две години“, вели градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески.
Само откако е изграден патот до манастирот Трескавец, пуштен во употреба на 28 август 2013 на празникот Голема Богородица, манастирскиот комплекс и споменик на културата го посетиле над 50.000 туристи.
Слично
