На дневен ред во Собранието е Комисијата за импичмент на Иванов
Собранието денеска ќе одржи седница на која на дневен ред треба да се најде одлуката за формирање на Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на претседателот, Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција, поднесен од страна на опозицијата.
Понатаму, Комисијата за седум дена треба да изготви извештај за основаноста на предлогот на опозицијата и да го достави до спикерот, Трајко Вељановски. Потоа тој треба да закаже нова седница на која ќе се дебатира за извештајот и за предлогот на опозицијата. За да биде изгласана предлог одлуката потребно е двотретинско мнозинство.
Опозициските партии го поднесеоа предлогот за импичмент на Иванов, откако ја донесе одлуката за аболиција на 56 лица. Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве изјавија дека иако се против одлуката за аболиција, сметаат дека претседателот не го прекршил Уставот. За ДУИ, Иванов, на директен начин бил предизвикувач на кризата која еруптирала со одлуката за аболиција. ДПА, пак, решение на кризата вклучувајќи ја и аболицијата гледа во итно враќање на четирите политички партии на преговарачка маса.
Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за импичемнт на Иванов, ќе се состои од 11 члена, претседател ќе биде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група ќе има уште пет члена, по два од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.
