Економија, финансии, бизнис

Контакт

На ДИК падна товарот да ги расчисти дилемите околу изборните рокови

На ДИК падна товарот да ги расчисти дилемите околу изборните рокови
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги закажа предвремените парламентарни избори за 27 април, во исто време со вториот круг од претседателските избори, но притоа законодавниот дом не понуди никакво решение како да се реши судирот во роковите за двата изборни циклуса. На 12 и 13 април трае изборен молк за првиот круг од претседателските избори, а во истовреме веќе треба да е започната кампањата за парламентарните. Така се појавуваат две опции – или кандидатите за парламентарци да загубат два дена изборно претставување или да се прекрши изборниот молк. Од ДИК се уште немаат прецизен одговор како ќе го решат овој проблем. „Мислам дека ДИК има капацитет да го направи тоа и да ги даде тие информации, за да бидат учесниците во изборите рамноправни во претставувањето“, рече Вељаноски при распишувањето на парламентарните избори. Претседателот на највисокото изборно тело никола Рилкоски, пак, неколкупати нагласуваше дека ДИК нема овластување дискрециски да ги толкува или да менува одредбите од Изборниот законик, туку тоа може да го направат Министерството за правда и Собранието, пред да се самораспушти. Освен првиот очигледен конфликт, изборните рокови се преклопуваат и за другите изборни активности - се појавуваат два датума за затворање на избирачкиот список, а со тоа и два избирачки списоци кои можат да се разликуваат. Проблеми ќе се појават и во медиумското претставување, бидејќи согласно Изборниот законик од денот на распишување на изборите па се до почетокот на изборната кампања, медиумите не смеат да емитуваат, односно да објавуваат никакво платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи. Кампањата за претседателски избори ќе започне на 24 март, но кампањата за парламентарните избори дури на 6 април. Тоа значи дека ако се почитува законот, медиумите нема да смеат да емитуваат платено политичко рекламирање до 6 април, со што за 12 дена ќе биде скратена медуимската кампања за претседателските избори. Ова ќе бидат трети предвремени парламентарни избори во Македонија, по оние во 2008 и во 2011 година. По вторпат граѓаните во исто време ќе избираат претседател на државата и пратеници во Собранието. Претходно тоа се случи пред точно 20 години, во 1994 година кога се одржаа првите парламентарни избори по прогласувањето на независноста на Македонија и првите непосредни претседателски избори. Но, тогаш и на парламентарните избори се гласаше во два круга, по мнозинскиот модел, па ваков судир на рокови немаше.
Слично

Поврзани вести