На Царина „и светна“! Ќе плати 208 евра за мегаватчас струја?
Вкупната рамковна вредност на договорот за набавка на струја за потребите на Царина изнесува 475.000 евра. Како што веќе пишувавме Царина го раскина договорот со „У Повер“ кој беше склучен лани во ноември и цените за мегаватчас струја беа 51 и 63 евра. Новиот договор започнува од 1 јануари и трае до 31 декември 2022 година
Царинската управа доби нов снабдувач со електрична енергија. На последниот тендер набавката ја доби конзорциум од две фирми снабдувачи кои понудија 208 евра за мегаватчас електрична енергија!!! На тендерот стигнале само две понуди, од кои Царинската управа како поповолна ја избрала понудата на конзорциумот „Солар Про“ и „ Футуре енерџи трејдинг енд ексчејнџ динамикс“.
Понудата што ја дале двете фирми од конзорциумот кој ја доби набавката не разликува висока и ниска тарифа (народски кажано нема скапа и евтина струја). И во двете тарифи цената е 12.795 денари за потрошен мегаватчас електрична енергија. Договорот е во вкупна вредност од 475.000 евра и е рамковна спогодба што значи дека не мора да биде потрошена целата сума. Снабдувачите се обврзале да ја снабдуваат Царниската управа со струја 12 месеци почнувајќи од 1 јануари 2022 година.
Царинската управа го раскина договорот со претходниот снабдувач. Станува збор за фирмата „У Повер ДОО“ која беше избрана на тендер во втората половина на ноември лани.
Аријанит Муса „стана популарен“ во јавноста откако социјалните мрежи „зовреа“ од видеото на кое се гледа како физички го напаѓа Марко Бислимоски претседателот на Регулаторната комисија за енергетика пред една скопска кафеана во касни ноќни часови.
Инаку договорот што го склучи лани во ноември „У Повер“ со Царина предвидуваше цени од 63 евра за мегаватчас активна енергија во ниска тарифа и 51 евра во висока тарифа.
Р.Ф.
