Економија, финансии, бизнис

Контакт

На бизнисмените им треба автопат, а не пруга до Бугарија

На бизнисмените им треба автопат, а не пруга до Бугарија
Наместо да копаат по историјата, Скопје и Софија да се свртат кон иднината и изградбата на Коридорот 8, кој инфраструктурно треба да ги поврзе двете земји, бараат стопанствениците од Македонија и Бугарија. На годишното собрание на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК), како главни цели беа истакнати остварување трговска размена од една милијарда евра, креирање заеднички производ и освојување на трети пазари. Но, предуслов за тоа е подобра инфраструктура. „Инфраструктурата е во очајно лоша состојба и според актуелните прокеции нема да се подобри до 2022 година. Тоа на конкурентите им дава огромна предност. Автопатот низ Грција го скратува за цел еден ден транспортот на товарните возила од Турција кон Драч“, истакна претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески. „На наше делумно задоволство Владата објави рестартирање на обновата и изградбата на железничката пруга Куманово - Гуешево. Но, ние мислиме дека е побрзо и поефикасно да се изгради автопат кон Софија. Тоа е заеднички инвестициски проект што би имал економска одржливост и исплатливост и би придонел за раздвижување на економскиот развој и трговската размена“, посочи претседателот на МБСК Зоре Темелковски. Оценка на бизнисмените од двете земји е дека не ги користат доволно шансите што ги има Бугарија како членка на ЕУ, за лобирање, но и за достапност до европските фондови. Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија лани достигна 690,7 милиони долари што е речиси исто ниво како во 2012-та. Бугарија е шести трговски партнер на Македонија, а речиси половина од размената е сведена на извезување обоени метали и увезување нафтени деривати, што покажува дека има простор за подобрување на трговијата во многу други области.
Слично

Поврзани вести