НА БЕРЗАТА СЕ ПИШУВА ИСТОРИЈА: Прв пат се тргуваа акции на фудбалските клубови „Тетекс“ и „Работнички“
Од редовните активности на берзата треба да се истакне дека „Алкалоид“ уште еднаш потвдри дека е акција-обврзница најпосакуван за купувачите, „Комерцијална банка“ порасна за 4 отсто, а „Прилепска пиварница“ стигна до нова највисока годишна цена!
Првата петдневна трговска недела во новата 2015 година донесе очекувано и повеќе посакувано размрдување на нашиот пазар на капитал. „Алкалоид“ беше повторно во фокусот на инвеститорите. Една од двете најликвидни акции и редовен исплаќач на дивиденда е апсолутно во фокус на домашната инвестициска заедница. Веројатно значаен аргумент за неговата супремација на нашиот пазар треба да се бара во конкурентноста на неговата дивиденда во споредба со годишните или полугодишните банкарски каматни стапки. Очигледно е дека неговата пазарна цена и неговата константност во ликвидноста (н.з. мислиме на акцијата на „Алкалоид“) во голема мерка се резултат на тоа што компанијата редовно исплаќа солидна дивиденда и дека таа дивиденда во континуитет од година в година расте и што е најважно за институционалните инвеститори таа е прилично лесно пресметлива и предвидлива!
Тоа се главните аргументи заради кои акцијата на „Алкалоид“ во континуитет се тргува над маргината од 5.000 денари за акција. Оваа седмица прометот е 5,1 милиони денари, се тргуваше 5 дена по ред во маргина од 5.032 до 5.100 денари за акција. Многу е логично да се очекува дека позитивниот ценовен притисок врз таа акција ќе расте со приближување на периодот за утврдување и за исплата на дивиденда на акцијата на „Алкалоид“. Можеби очекуваната нето дивиденда од 230 до 250 денари за акција и нема да предизвика некој значаен ценовен раст, но сигурно дека ќе осигура актуелното прогресивно ценовно ниво на таа акција да почне да се перцепира како базично и како добра основа за раст на пазарната цена.
Втора според обем на промет оваа седмица беше акцијата на „Комерцијална банка“. Таа забележа ценовен раст од 80 денари односно 4 отсто од најниската до највисоката цена оваа седмица. За промет од 2,95 милиони денари таа акција отвори тргување на цена од 1.980 денари, а затвори на цена од 2.060 денари за акција. Овој ценовен раст упатува на тоа дека има инвеститори иако мали кои ценат дека таа акција на ова ценовно ниво е надобриот избор на нашиот пазар на капитал и не очекуваат, ако ништо друго, но да нема нови ценовни падови.
Од другите акции уште „Макпетрол“ успеа да се најде во групата на „милионери“ според прометот во денари. Таа акција затвори тргување со промет од 1,4 милиони денари, а се тргуваше во маргина од 21.500 денари до 21.700 денари.
Од другите активности останува да се истакне тоа што акцијата на „Прилепска пиварница“ повторно постигна нова највисока годишна цена допирајќи нови од 20.200 денари за акција, 200 денари повисоко од последната годишна цена. Воедно тоа беше и акција со најголем промет оваа седмица односно 6,7 милиони денари.
Како што веќе напишавме во првата петдневна седмица оваа година берзата напиша историја: тоа беа првите тргувања со акции на два македонски фудбалски прволигаши: „Тетекс“ и „Работнички“. Иако прометот е скромен и симболичен вреди да се истакне. „Беа истргувани 2 акции на „Работнички“ по цена од 100 евра за акција (6.150 денари) и промет од 12.300 денари. Кај „Тетекс“ прометот беше многу поголем. Беа истргувани 380 акции по пазарна цена од 100 денари за акција и промет од 38.000 денари. Нека е аирлија со новиот трговски материјал на нашиот пазар на капитал. Некогаш и од некаде мора и да се почне!
Слично
