СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ: Секое работно место државата ја чини по 21 000 евра
Државната помош преку директни субвенции и даночни ослободувања, кај некои од странските инвеститори достигнува и до скоро половина од висината на средствата кои се вложиле во Македонија.
Ова го покажува истражувањето на Центарот за економски анализи, од каде информираат дека седум странски компании кои работат во зоните за седум години добиле вкупна државна помош во висина од 56 милиони евра.
„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување нè чини 21.000 евра" - вели Весна Гарванлиева, Центар за економски анализи.
Гарванлиева смета дека , македонската економија, не чувствува големи бенефити од странските инвестиции, но тие би можеле да се интензивираат во наредните години.
Нивното учество во вкупниот извоз изнесува 27 отсто, но додадената вредност во БДП на седумте компании од зоните е неполн еден процент.
На денешната дебата беше заклучено и дека помеѓу домашните и странски инвеститори постои само фомално-правна изедначеност. Според тоа, домашните компании се чувствуваат дискриминирани, затоа што не ги добиваат истите поволности.
Од невладината „Десо" анкетирале 268 менаџери, од кои 70 отсто се изјасниле дека домашните фирми се дискриминирани во однос на странските и очекуваат еднаков третман.
Дебатата ја организираше Центарот за европски политики преку проектот Дебата за визија поддржан од Британската Амбасада.
