МЗШВ: За чистење на каналите избрани се фирми на тендер со најповолни цени
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство реагираат на текстот „Кои фирми добивале пари за чистење на канали?“, при што објаснуваат дека изборот на фирми кои ќе ги чистат каналите бил направен на тендер и тоа со јавна електронска аукција, а договорите биле склучени со оние кои понудиле најниски цени.
Додаваат дека секое водостопанско претпријатие определува надзор кој на терен ја следи и ја потврдува извршената работа. Сите извештаи за времени ситуации покрај надзорот се потпишани од изведувачот на работите, директорот на водостопанското претпријатие и директорот на Управата за водостопанство при МЗШВ.
„Покрај законската постапка која е спроведена во целост, министерот Михаил Цветков пред исплатата на средствата дополнително формираше Комисија за проверка на изведените работи поврзани со чистењето на каналите за одводнување и наводнување во чии состав покрај членовите од МЗШВ има и членови од други надлежни државни институции. Дополнително формираната комисија беше на терен, состави писмен извештај поткрепен со фото документација со што се потврди дека сите економски оператори ги извршиле активностите согласно условите во договорите. Целиот процес е воден согласно сите законски процедури што се гледа и од ревизорскиот извештај, каде што не е наведено дека средствата се исплатени неправилно, незаконски и не е наведена сума на злоупотребени средства“ - реагираат од Министерството. Објаснуваат дека во 2011, 2012 и во 2013 година, каналите ги чистела и фирмата блиска до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, АДГ ПЕЛАГОНИЈА СТРУМИЦА. Велат дека АДГ ПЕЛАГОНИЈА СТРУМИЦА добила 5 (пет) тендери и на нејзината сметка, за исчистените канали се исплатени скоро 36 милиони денари. Од Министерството велат дека тендерите за чистење на каналите не се делат на фирми блиски до власта, туку на фирми кои ќе дадат најповолни понуди, како и тоа дека нема сомнително и незаконски исплатени 3,5 милиони евра преку Програмата за рурален развој.
