Економија, финансии, бизнис

Контакт

МВР: Толпата рзбиена, повредени 20-тина полицајци и неколкумина демонстранти

МВР: Толпата рзбиена, повредени 20-тина полицајци и неколкумина демонстранти

Шест лица се приведени во денешните насилни протести кај Основниот суд - Скопје 1, кои излегоа од контрола, соопшти МВР попладнево. „Поголем број хулигани, кои беа дел од екстремно агресивната и насилна толпа, со камења и тврди предмети попладнево ги нападнаа полициските службеници кои ги обезбедуваа ненајавените протести. Истите палеа предмети по булеварите во централното градско подрачје и ја оштетија фасадата на Основниот суд Скопје 1“, стои во соопштението.

Притоа, полицијата додава дека според првичните информации, досега на повреди се пожалиле 20-тина полициски службеници и неколкумина учесници во протестите и на сите им е укажана соодветна медицинска помош. При полициската интервенција биле лишени од слобода и приведени шест лица кои се спроведени во полициски станици.

„По завршување на првичната цел на полициската интервенција, односно воспоставувањето на јавниот ред и мир, Министерството за внатрешни работи врз основа на сопствените снимки, но и снимките од медиумите ќе продолжи да работи на идентификација и на останатите хулигани кои учествуваа во насилните инциденти и ќе ги преземе сите мерки против нив“, се додава во соопштението.

Протестите започнаа околу 13,20 часот на ул.„Цветан Димов“ пред џамијата “Јаја Паша“ каде, според МВР, се собрале над 200 граѓани кои носеле различни протестни транспаренти и знамиња. Масата започнала да се движи во правец кон Бит Пазар во 13,40 часот. До 14,00 часот бројката на луѓе кои протестираа се искачила и голем дел од нив за време на своето движење кон Основниот суд - Скопје 1, со камења и други предмети ги гаѓале полициските службеници ангажирани за обезбедување. Кога пристигнаа пред Судот продолжиле со извици „Алаху акбар“ и каменување на зградата.

„Во 14,00 часот полициските службеници ангажирани за обезбедување, професионално и согласно стандардните оперативни процедури, започнаа со мерки за растурање на масата и спречување на движењето на насилната толпа кон Влада на РМ. Околу половина час подоцна, откако беа спречени во намерата, масата започна со движење назад кон Бит Пазар. Околу 15,30 часот околу 300 лица кои протестираа се повлекоа на ул.“Цветан Димов“, а поголемиот дел се растурија“, стои во официјалното полициско соопштение.

Полициските службеници и понатаму продолжуваат со обезбедување на претходно утврдените критични локации. МВР најавува дека ќе ги следи и социјалните мрежи преку кои се одвиваше мобилизацијата за насилните протести и апелира граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани и инволвирани во какви било нарушувања на јавниот ред и мир.

Слично

Поврзани вести