Економија, финансии, бизнис

Контакт

МВР со детален извештај за судирот во Куманово

МВР со детален извештај за судирот во Куманово

Помина точно еден месец од судирите во Куманово кои се  водеа меѓу терористи и полициските сили и кои завршија со жртви од двете страни.

Денес МВР излезе со детален извештај за акцијата во “Диво насеље“ .

Во нивниот извештај велат дека акцијата била  спроведена согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Претходно, утврдиле дека  09.05. околу 04,30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 05.10 часот, при приоѓање на објектите во нас.“Диво насеље“ во Куманово имало непосреден напад-дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници.

Потоа, бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, а со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови на оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата.

По извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група се до нивно конечно неутрализирање на 10.05.2015 година.

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарци врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција. Притоа земени се во предвид следните факти: постапувањето на полициските службеници од посебните единици била нужна и неопходна употребата на средствата за присилба-огнено оружје, како единствена законска мерка кон криминално-терористичката група, кога сите други законски основи биле исцрпени, со цел да се одбие директниот напад врз нив од огнострелно оружје употребено од криминално-терористичката групација, а согласно член 89 од Законот за Полиција. Исто така при употребата на огненото оружје кон криминално-терористичката групација, од страна на полициските службеници селективно е делувано кон истата, со цел да се постигнат минимални жртви, а максимална цел т.е. одбивање на нападот од себе и неутрализирање на групацијата.

По однос на увидот во постапките за задржени лица во три полициски станици при СВР Скопје, констатирано е дека целокупната постапка на лишување од слобода и задржување на лицата (а поради постоење основано сомнение за сторен кривично дело по член 313 од КЗ на РМ) е спроведена согласно законските норми. Односно согласно Законот за кривична постапка и согласно Законот за полиција. Лицата кои биле лишени од слобода и задржани во полициска станица веднаш биле известени за причините за лишување од слобода, како и за делото за кое се товарат, за правото на молчење, правото на информирање на семејството или друго лице, правото на бранител и правото на лекарски преглед. Исто така од страна на полициските службеници запазен е и законскиот рок на времетраењето на задржување на лицата и ниту едно од лицата нема наведено никаква забелешка во однос на постапувањето на полициските службеници за време на задржувањето во полициска станица.

Од страна на СВКПС извршена е проверка и на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група при што констатирано е дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично  дело “тероризам“ во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од лице место. Според тоа полициските службеници сториле потешко кршење на работниот ред и дисциплина предвидени во чл. 208 став 3 и 10 од Колективниот договор на МВР на РМ за што e поднесен предлог за поведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност до надлежната Дисциплинска комисија.

Слично

Поврзани вести