МВР: Полицијата се соочи со досега невиден брутален напад
МВР информира дека повеќе од десетина полицајци, како и демонстранти се повредени откако синоќа протестите пред Влада ескалираа.
Имено, демолирани се и полициски автомобили и запалени се контејнери во тек на протестот што следеше по објавувањето на аудио снимките од СДСМ поврзани со убиството на Мартин Нешкоски во јуни 2011 година.
Портпаролот на МВР Иво Котевски информира дека на Ургентен центар, според досегашните информации, се примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градска општа болница „8-ми септември“ еден полицаец и еден цивил.
Приведени се демонстранти, а според Котевски повеќе информации МВР ќе соопшти денес на прес коференцијата закажана за во 11:15 ч.
– Полицијата вечерва беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата, изјави за МИА Котевски.
