МВР: Изборен ден без потреба за интервенции од полицијата
Првпат во историјата на одржување повеќепартиски избори во Македонија немаше прекин на гласање на ниту едно избирачко место, што покажува дека демократска зрелост на граѓаните е на исклучително високо ниво и компаративно гледано вакви избори ретко може да се најдат и во земјите од регионот, објави на пресконференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Единствениот случај поврзан со изборниот процес, посочи таа, бил регистриран на избирачко место во Велешта, кој полицијата го рачистила, го документирала и ќе следи соодветна пријава.
„Тоа значи дека денот практично помина без интервенции на МВР и од тука по затворањето на избирачките места како Министерство пристапуваме кон реализација на последната трета фаза од нашите задолженија поврзани со изборниот процес, а тоа е транспортот на избирачкиот материјал. Очекуваме дека и во овој дел на изборниот процес нема да се соочиме со некои поголеми нарушувања или проблеми, затоа што искуството од првиот круг и од денешниот изборен ден покажуваат дека Македонија гласаше демократски, во фер и слободна атмосфера, ги избра своите пратеници и новиот претседател на Република Македонија“, истакна Јанкулоска.
Според министерката за внатрешни работи, Македонија гласаше достоинствено и демократски, согласно највисоките европски стандарди, со оглед на тоа што изборниот ден поминал без никакви посериозни инциденти.
Слично
