Економија, финансии, бизнис

Контакт

МВР и МПС потпишаа модерен колективен договор

МВР и МПС потпишаа модерен колективен договор

Денес од страна на министерката Гордана Јанкулоска  и претседателот на Полицискиот синдикат Тихомир Климовски беше потпишан нов колективен договор, во кој се имплементирани највисоките стандарди на ЕУ во однос на уредување на администрацијата.

Целта според зборовите на министерката Јанкулоска е да се подобрат условите за работа и зголемување на сигурноста и одговорноста на работното место, како предуслов за поголема ефикасност во работењето.

Овој модерен колективен договор е во согласност со меѓународните стандарди а со него се уреден постапките со кои се овозможува остварување на правата и обврските на работниците во МВР, кои произлегуваат од нивниот работен однос.

- Најсуштинско во овој договор е тоа што првпат создаваме јасна класификација на работните места по нивоа. Со овој модел создаваме услови за поефикасно имплементирање на системот на кариера, рече министерката Јанкулоска.

Со новиот колективен договор, појасни таа, е разработена постапката за спроведување на мерките за одличен и слаб ефект, во чии рамки меѓу другото се предвидува со оценка пет да можат да бидат оценети најмногу пет проценти од оценетите работници од конечната ранг листа на оценки на сите работници во МВР. Тоа значи тие да можат да бидат наградени со бонус во износ од една основна плата на работникот кој се наградува. Вработените ќе бидат оценувани од страна на обучени и сертифицирани оценувачи.

Исто така во рамки на овој договор е воведен и електронски начин на полагање на приправничкиот испит, направена е јасна дистинкција помеѓу распоредувањето и унапредувањето, а е извршено и прецизирање на постапките за нивно спроведување и реализирање, воспоставена е јасна класификација на работните места во МВР.

- Решен е и статусот на вработените со вишо образование, разработени, прецизирани и унапредени се одредбите за мирно решавање на колективни и индивидуални спорови и арбитража. Воведени се поголеми права на синдикалниот претставник во постапката за утврдување материјална одговорност на работниците, а воведен е и додаток за работа во издвоени објекти, појасни Климовски.

Инаку, во новиот колективен договор се задржани сите оние права кои на вработените им беа загарантирани со претходниот, меѓу кои се правото за зголемување на надоместокот за прекувремена работа за време на празник од 50 на 150 проценти, додатоците на плата кои се различни за различни категории вработени, зголемување на времетраењето на годишниот одмор за лицата кај кои е утврден инвалидитет со најмалку 60 проценти во траење од три дена, заштита на работникот од дискриминација, вознемирување полово, физичко и психичко на работното место, право на надомест  на плата во неработни денови утврдени со закон.

Слично

Поврзани вести