МВР демантира дека се користени чадни и шок-бомби на синоќешниот протест
Од Министерството за внатрешни работи денеска демантира дека синоќа на протестот на „Шарената револуција“ полицајци употребиле средства за присила или чадни и шок-бомби.
Од МВР кажаа дека група од 50 до 60 луѓе вчера во 16.30 часот почнала со ненајавен протест пред Министерството за финансии, а во 19.45 часот им се приклучила друга група, која тргнала од пред СЈО.
„Откако беа блокирани демонстрантите на улица Македонија, истите се поделени во групи и повеќепати се обидоа да го пробијат кордонот кај Градски ѕид, со туркање и со влечење на полициските службеници поставени во кордонот. Во 21.30 часот, групата демонстранти пред Министерството за финансии се упати кон улица Македонија, при што со употреба на физичка сила кон полицискиот кордон успеа да го пробие кордонот“- наведуваат од МВР.
По пробивањето на кордонот, демонстрантите дејствуваа со боја и фрлија пиротехнички средства кон Министерството за финансии, информираа од МВР.
Од Министерството за финансии денеска ги осудија протестите затоа што сметаат дека на тој начин се уништува државен имот.
Синоќа се протестираше против задолжувањето на државата, а чашата ја прелеа новата еврообврзница од 650 милиони евра.
