МВР да го казни обезбедувањето на Груевски – бара ЗНМ
Здружението на новинарите на Македонија денеска до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи достави претставка, во коja бара да покрене дисциплинска постапка против двајцата припадници на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски.
Тие минатата недела упаднаа во просториите на Телевизијата 21 и го присилија новинарот Кристијан Ландов да избрише снимки од мобилен телефон.
ЗНМ бара МВР да ги утврди сите околности на настанот и најостро да ги казни припадниците на обезбедувањето на Груевски за незаконско и непрофесионално постапување. Појаснуваат дека бришењето снимки на новинари е чин на цензура, која е забранета со Уставот.
„Никој нема право, па и припадници на полицијата, да одземат приватен мобилен телефон од новинар или да му наложат да избрише снимен материјал надвор од судска постапка. ЗНМ го потсетува МВР дека Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ е јавна личност и новинарите имаат право да го снимаат на јавен простор. Ако Груевски сметал дека новинарот му ја нарушил неговата приватност, можел да поднесе соодветна пријава до надлежен суд, но во никој случај вашите припадници не смееле да упаднат во телевизијата и да му наредат на новинарот да ја избрише снимката“- стои во соопштението.
Настанот го осудија дел од партиите и невладините организации.
