МУКАЕТОВ ЗА СРПСКИ НЕДЕЛНИК: Успехот се мери со квалитетот, но и со солидарноста и со задоволството на луѓето
Алкалоид во последните 20 години најмногу инвестираше во сегментот развој и производство на фармацевтски производи, како и во детската козметика и во чаевите. Повеќе од 65 отсто од пласманот е наменет за извоз, а тој однос беше обратен пред две децении, во корист на домашниот пазар, вели Живко Мукаетов, генералниот директор на компанијата во интервју за магазинот Nedeljnik. Впечатокот на медиумот од компанијата во Скопје која е едно од најуспешните македонски, но и регионални фирми е дека располага со современи производствени погони, најнови машини, лабораторија и развоен центар. Импонира бројот на млади вработени, образовани луѓе. Муакетов вели дека е исклучително задоволен и среќен кога е го види логото на „Алкалоид“ (Made in Macedonia) на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка, Канада, Италија, Австрија, Шпанија и Португалија. Дел од нив се и нови пазари од пред неколку години и опсегот се проширува. Вели, глобализацијата на брендот „Алкалоид“ е патот на кој планираат да останат фокусирани.
На прашањето како се трансформираше и се менуваше „Алкалоид“ во текот на 85-те години работење, Мукаетов вели дека фабриката била столб на новата индустрија во времето кога почнала да работи, во далечната 1936 година, како индустриски погон за екстракција на морфиумска база, со само петнаесет вработени.
„Дури и во времето на трансформација на системот и на радикални промени „Алкалоид“ успеа да го трасира својот пат до успехот, а клучна беше посветеноста на развојот и на стратешките инвестициски одлуки. Континуираните инвестиции, како и посветеноста на растот и на одржливиот развој придонесоа за она што е денес „Алкалоид“ – шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа со над 2.000 вработени во базата во Скопје и со над 500 во странските филијали. Производите на „Алкалоид“ моментално се пласираат во над 40 земји низ светот, а компанијата има своја маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји надвор од Македонија, вели тој.
Како гледате на почетокот на третата деценија од третиот милениум?
„На почетокот на овој трет милениум компанијата донесе неколку стратешки важни одлуки кои се однесуваа на јакнењето на капацитетите и на глобализацијата на брендот „Алкалоид“. Би ги споменал инвестициите во нови технологии, целосната дигитализација на работењето, удвојувањето на бројот на канцеларии на „Алкалоид“ надвор од македонската база, отворањето производство во Србија, како и формирањето на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот. „Алкалоид“ во сето ова инвестираше над 200 милиони евра и со тоа придонесе нашите пласмани во последните 15 години да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, колку што очекуваме на крајот на оваа година. Оваа интензивна промена на животниот стил што ја имаме денес сигурно не била случај во минатото, а оваа здравствена криза на почетокот на третата деценија од третиот милениум нè научи на многу важни лекции и го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата, како и на стратегија, која ја налагаат новото време и барањата на пазарот. Годината на нашиот 85-ти роденден беше полна со неизвесност и со предизвици, но нашите човечки ресурси отсекогаш беа во фокусот и наш императив е да изградиме компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех на сите нас во „Алкалоид“, вели Мукаетов.
Тој одговара и за плановите за идни инвестиции и вели дека успехот во работењето на „Алкалоид“ е, пред сè, огледало на квалитетот на човечките ресурси кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на самиот бренд „Алкалоид“, но и на индивидуалните брендови што ги има, а кои ги граделе генерациите пред нас, години наназад.
„Покрај инвестирањето во развој на бизнисот, на врвот на агендата на „Алкалоид“ ќе биде и инвестирањето во заедницата во која живееме и работиме. „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ лани донираа над 1,2 милиони евра, од кои околу 300.000 беа наменети за земјите од регионот, вклучително и Србија. Во духот на нашата максима „Здравјето пред сè“, „Алкалоид“ ќе остане посветен на позитивните вредности – кредибилитетот, професионалниот интегритет, хуманоста и, пред сè, човечката солидарност, вели првиот човек на компанијата.
Во однос на српскиот пазар вели дека Србија седум и пол децении е дел од 85-годишната приказна на „Алкалоид“, што доволно зборува за пријателството, разбирањето, блискоста на јазикот и културата, како и за нашата традиција на овој пазар.
„Според српските фармацевти, лековите на „Алкалоид“ никогаш не излегле од книгите на жолтиот регистар (лекови). Србија е првата земја надвор од македонските граници каде што компанијата има сопствено производство и големопродажба, во која се вработени 145 луѓе, што, исто така, доволно зборува за стратешкото значење на овој пазар за нас. Производствената програма на „Алкалоид“ во Србија опфаќа над 160 производи од областа на фармацијата, а, секако, би го споменал и нашиот бренд „Бекутан“, со кој пораснале и со кој растат генерации во регионот, заклучува Мукаетов.
