МУДИС: Русија е можеби пред банкрот
Русија можеби е на работ на банкрот бидејќи се обиде да ги сервисира своите доларски обврзници во рубљи поради санкциите на Западот наметнати поради војната во Украина, првото сериозно неплаќање од страна на Москва за странски обврзници од болшевичката револуција во 1917 година, објави „Мудис“.
На 4 април, Русија ги плати своите обврски врз основа на две државни обврзници - со рок на достасување во 2022 и 2042 година - во рубљи, а не во долари, како што налагаат условите од договорот за продажба на овие хартии од вредност.
„Затоа, според „Мудис“, може да се смета дека Русија нема да ги подмири своите обврски доколку тоа не го стори до 4 мај, кога истекува грејс периодот“, се вели во соопштението на агенцијата.
Како што се објаснува, „во договорите за обврзници нема одредба за отплата во која било валута освен долари“.
Замрзнати девизни резерви
„Мудис“ прецизира дека за некои руски еврообврзници издадени по 2018 година е дозволено плаќање во рубљи под одредени услови, но не и за оние издадени пред 2018 година, како што е случајот со оние што доспеваат во 2022 и 2042 година.
Ставот на „Мудис“ е дека не е дадено договорно ветување за плаќање во странска валута за инвеститорите во рокот на доспевање“, се вели во соопштението.
Русија постојано повторуваше дека сака да го сервисира својот долг во согласност со условите на договорите, но дека во тоа е спречена од Западот, кој воведе санкции откако претседателот Владимир Путин ја нападна Украина на 24 февруари.
Русија исплати 40 милијарди долари внатрешен долг во 1998 година и ја обезвредни рубљата за време на претседателот Борис Елцин, бидејќи таа ефективно банкротираше по азиската должничка криза и падот на цената на нафтата ја разниша довербата на инвеститорите во нејзините краткорочни должнички хартии од вредност деноминирани во рубља.
Овој пат Русија има пари, но не може да ги искористи бидејќи нејзините девизни резерви - четврти по големина во светот - ги замрзнаа САД, Европската унија, Велика Британија и Канада.
