Му снемува ли на Мицкоски „лента“ во Брисел и кога ќе се соочи со „ѕидот“ уставни измени?
Европските бирократи сѐ уште не размислуваат за воведување целосна изолација на македонската влада и оставаат простор премиерот Мицкоски да иницира усвојување на т.н. Француски предлог, односно промена на Уставот со внесување на Бугарите како дел од конститутивните народи и имплементација на обврските од преговарачката рамка меѓу кои и спорниот Втор протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Софија.
Но, се чини дека на Мицкоски сѐ повеќе му снемува „лента“ по која ќе се движи со сегашната политика пред да се соочи со вистинскиот ѕид кој ќе може единствено да го пробие со уставните измени.
Симптоматично е што по победата на Румен Радев кој ќе биде иден премиер на Владата на Бугарија, се засили пробугарската пропаганда на социјалните мрежи во Македонија.
Бројни ботовски мрежи, лажни профили и медиуми пласираат изјави од македонски политичари, професори и јавни личности кои ја релативизираат историјата, наведувајќи дека вината за влошувањето на односите лежи исклучиво во Скопје. Тие тврдат дека македонската власт „тера инает и не сака да се соочи со фактите“, а не кажуваат дека ние всушност треба да ги прифатиме условите од Софија кои практично треба да нѐ разобличат како нација.
Ако се тоа првите сигнали од идното владеење на Радев како премиер, тогаш уште сега може да стане јасно дека нема да постои никаков обид за затоплување на односите со нашиот источен сосед, и како што тие милуваат да речат „најблиските народи на Балканот“.
Нема гаранција, нема репроговарање, нема емпатија
Колку и да се обидуваат премиерот Мицкоски и претседателката Силјановска-Давкова да укажат на целосниот историјат на македонските чекори кон членство во ЕУ, со сите досегашни компромиси и национални отстапки – од Брисел не добиваат возвратна емпатија.
Евробирократите се целосно заглавени во единствениот став – Македонија мора да го промени Уставот за да ги започне преговорите, без оглед што тоа ќе значи уште еден национален срам и газење врз државното достоинство, прифаќајќи диктат од соседна држава.
Тука мора да се потенцира дека отпорот кон Францускиот предлог не значи антибугарска политика, ниту омраза кон бугарскиот народ, туку едноставно барање да се почитуваат претходните европски услови кога се наметна потпишувањето на договорот со Борисов во 2017 година и потпишувањето на договорот со Ципрас во 2018 година.
Еден, макар и симболичен гест од Брисел и Софија ќе значи премногу за подобрување на односите и прифаќање на преземените обврски кои ги наметнаа Заев и Ковачевски.
И на тој начин ќе ѝ се даде барем некаква гаранција на Македонија дека идентитетските спорови кои ги водат соседите преку злоупотреба на механизмите на вето во меѓународните институции повеќе нема да бидат ставени на маса како ултимативно средство за принуда на „послабиот“ сосед.
Треба ли да се промени целосно македонската надворешна политика?
Владата на Мицкоски отиде „all in“ и сите чипови ги вложи во новата администрација на Доналд Трамп претседателот на САД, но иако односите со Вашингтон се најдобри и најблиски во последните 30 години, тоа се судира со интересите на Брисел и нашите европски партнери, каде овој пат имаме поважна работа, а тоа е исполнување на стратешката цел за влез во Европската Унија.
Затоа сега, можеби треба да се размислува за промена на курсот на надворешната политика и да се направи „тивко“ дистанцирање од Вашингтон за одредени прашања бидејќи Европа повеќе нема доверба во трансатлантското партнерство и сериозно размислува за „осамостојување“ и градење на европско единство во однос на одбраната, безбедноста, зависноста од технологијата и геополитичкото позиционирање.
Ние сме дел од европскиот континент, најголемиот економски партнер ни се земјите од ЕУ и во голема мера „зависиме“ во трговијата и инвестициите. Затоа природно и логично е конечно да станеме дел од заедничкиот европски пазар, да ги „избришеме“ границите, и да се интегрираме целосно во европскиот систем, кој носи развој во повеќе области.
Може ли да си дозволиме „децении“ без ЕУ?
Брисел веќе ни упати порака дека пред нас може да се зачленат Албанија и Црна Гора, што ќе создаде нови динамики внатре во ЕУ, можни нови блокади и уцени. Затоа треба добро да се процени што добиваме, а што губиме со моменталната надворешна политика.
Едно е сигурно, оваа власт мора да биде проактивна, да не чека процесите сами да се случат, туку да ги иницира и во одредена мера да ги „контролира“. Мора да стигне до некаква форма на „гаранции“ и позитивни сигнали од Софија и Брисел, секако со добра проценка за реалните шанси за проширување на ЕУ, кои во голема мера ќе зависат и од војната во Украина.
Тоа ќе треба добро да се „одигра“, но без политички калкулации за рејтингот туку одговорно за иднината на Македонија, која за неколку децении ќе се испразни со сегашната стапка на иселување на младите и општествената апатија поврзана со корупцијата, нефункционална правна држава и владеење на правото, партизирана администрација и поларизација на етничка и партиска основа.
Х.С.