Му се наредија коцките – Што ќе направи Мицкоски со апсолутната моќ
Христијан Мицкоски и по две години од мандатот се чини дека е македонски премиер со најголема комоција да ги спроведе своите клучни замисли и потези како претседател на владата. Додека многумина најавуваа политички земјотрес со главниот владин партнер ВРЕДИ, се случи спротивното, коалицијата засега се чини многу стабилна, а исто така има недвосмилена поддршка од гласачката база.
Мицкоски има релаксиран простор внатре во партијата каде нема преголема конкуренција која може да му ги загрози двете функции, државната и партиската, и многу мазно помина одлуката да ги укине потпретседателскитe места.
Целта е на следниот изборен партиски конгрес кога тој повеќе ќе нема право да се кандидира за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да има пофер натпревар меѓу можните наследници наместо фаворити да бидат партиските потпретседатели.
Апсењето на Артан Груби е само мал дополнителен детаљ на оваа речиси идилична слика за владеењето на премиерот Христијан Мицкоски како политичар кој е решен конечно да се справи со корупцијата и реформи на судството, обвинителството и истражните органи.
Неговите неколку последни телевизиски интервјуа беа практично и досадни за гледање. Ако набавката на нов владин авион е топ тема во медиумите во последните денови тогаш премиерот може да биде сосема комотен во својата позиција. Единствена дамка е што оваа дебата, која не треба да има дневнополитички карактер, беше издигната на толку високо ниво што практично ја навредува интелигенцијата кога постојат бројни локални, регионални и глобални предизвици на кои им треба многу повисоко и политичко и медиумско внимание.
Намалувањето на отпорот кон „Сејф сити“ исто така и дава политичка комоција на власта па со секој одминат ден само се нагласуваат позитивните страни од примената на камерите во сообраќајот, наместо да се гледа на овој проект како метод за полнење на буџетот. Тоа секако е голем успех за владата и е еден од потезите кон „ресетирање“ на системот, односно политичка заложба за воведување одговорност пред законот која ќе биде еднаква и правична.
Но, дали оваа идила на Илинденска може да трае предолго. Каде се слепите точки на премиерот Мицкоски и апсолутната власт на сите нивоа на ВМРО-ДПМНЕ. Каде може да се јави вистинско и разорно незадоволство. Каде може да се посее семето на сомнежот?
Ако се чека тоа да го направи актуелната опозиција „предводена“ од СДСМ и Венко Филипче подобро да не се надеваат премногу опозициските елементи во општеството. Засега СДСМ покажува дека ја нема таа галванизирачка улога на јасна опозициска борба и насоченост, а уште повеќе што улогата на опозиција во одредени моменти, и со одредени потези, реторики и настапи повеќе и одговара на Левица, која на пример е активна и во Собранието и во опозициските општински совети.
Единствениот посилен притисок врз премиерот Христијан Мицкоски може да се очекува по прашањата за европската интеграција. Одолговлекувањето на овој процес, во услови кога се споменуваат Црна Гора и Албанија како главни кандидати за брзо членство во ЕУ, макар тоа било и без право на вето во почетната фаза, може сериозно да го засили притисокот врз владата на Мицкоски.
Компромисот со внесувањето на Бугарите во Уставот долго време му ги носеше главните политички поени на Христијан Мицкоски, како и неговата конзистеност во надворешната политика во обидот да го врати колку толку чувството на достоинство на државата во меѓународните односи, наместо сервилноста и понизноста.
Дури и побавно од очекуваното „реформирање“ на судството и обвинителството, не така спектакуларните резултати во економијата и странските инвестиции, и не така брзата енергетска трансформација, како слаби перформанси на владата може да бидат „прогледани низ прсти“.
За да не предизвикаат голема политичка штета за власта на Мицкоски, треба да успешно да спроведе неколку клучни чекори. Тоа е релативно враќање на довербата во системот, колку и да е несоврешен, може да се справи со општествените проблеми, дека постои јасен политички консензус за приоритетите на државата, и дека власта ја заслужува актуелната доверба и поддршка дадена на избори со испорачување резултати во економијата и инфраструктурата.
Со вака наредени коцки премиерот Мицкоски треба да биде навистина охрабрен да спроведе и многу посмели политички чекори, да демонстрира дека избраните политичари имаат визија за државата, дека ги бранат интересите на нацијата и имаат сенс за иднината, односно дека ќе остават нешто подобро за следните генерации.
Стабилна владина коалиција, мирни партиски води, минимални владини скандали, поддршка од САД на меѓународен план, и недостиг на опозициски отпор. Тоа е совршен рецепт за спроведување на проекти од национален интерес на Македонија кои „чекаат“ практично од самата независност. Но, тука има и голема одговорност која ако не биде оправдана ќе биде казнета со значителна разочараност и ставање во ист кош со претходните влади и со СДСМ, партија во која е изгубена речиси целата доверба.
Х.С.