Економија, финансии, бизнис

Контакт

МТСП: Митровски е во Фондот на ПИОМ на предлог на Синдикатот

МТСП: Митровски е во Фондот на ПИОМ на предлог на Синдикатот
Министерството за труд и социјална политика реагираше на денешните обвинувања од СДСМ за назначувањето на синдикалниот лидер Живко Митревски во Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според Министерството, сите тврдења на опозицијата се невистини и лаги водени од желбата за замајување на јавноста, а во назначувањето на Митровски немало ништо спорно затоа што согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување синдикатот има претставник во УО на Фондот за ПИОМ. „Во членот 156 стои: Управниот одбор има седум члена кои ги именува Владата за време од четири години. Од вкупниот број членови, пет се именуваат на предлог од: еден претставник од Министерството за труд и социјална политика, од Министерството за финансии, од репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет (ЕСС), од репрезентативно здружение на работодавачите член на Економско социјалниот совет и од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Оттука, нема ништо спорно, односно репрезентативните синдикати и во овој случај сами го предложија членот на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија од редот на членовите на ЕСС како што е уредено со закон“, се наведува во соопштението од Министерството. Според МТСП, претставници на синдикатите и претставник од репрезентативно здружение на работодавачите има и во Управниот одбор на Агенцијата за вработување и во Фондот за здравство, а тоа е „уште една потврда за вистинскиот социјален дијалог и за реформите во законските прописи кои се направени токму по барање на синдикатите и работодавачите“. Се огласија и од Сојузот на синдикати на Македонија, од каде велат дека обвинувањата на СДСМ се директен атак врз борбата на синдикатите да учествуваат и да вршат контрола врз средствата кои работниците ги одвојуваат во фондовите. „Долгогодишно беше барањето на синдикатите да учествуваат во работата на управните одбори. Добро е што како резултат на упорните барања на синдикатите, Владата на РМ ги усвои барањата на синдикатите и овозможи во Законот за ПИО во управниот одбор покрај претставници на Владата и министерствата да учествуваат и претставници на репрезентативниот синдикат – еден претставник и по еден претставник од Здружението на работодавачи и од Сојузот на здруженија на пензионери“, се вели во реакцијата. Опозициската СДСМ денеска обелодени дека Митровски станал член на Управниот одбор на Фондот за ПИОМ и така си обезбедил уште една плата. За опозицијата ова е мега скандал и доказ зошто ССМ безрезервно ги поддржува законите предложени од Владата. „Со решение на кое стои лично потпис на премиерот Никола Груевски, претседателот на ССМ Живко Митревски е назначаен за член на УО на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. И тоа само шест дена откако ССМ даде јавна подршка на контроверзните и штетни закони за администрација предложени од ВМРО ДПМНЕ, а усвоени од Собранието“, рече Мила Царовска претседателката на Советот за социјална политика во СДСМ
Слично

Поврзани вести