Мршиќ: Зголемувањето на придонесите е брза мерка за раст на уплатите во ПИОМ
Направен е елегантен компромис без да се прават драстични и непопуларни промени. Вака ја оценува најавена пензиска реформа, професорката Јадранка Мршиќ. Таа беше и активен учесник на стартот на реформата кога во Македонија се воведе вториот пензиски столб. Вели дека на среден и долг рок може да се зборува и за зголемување на старосната граница за пензионирање. Оваа реформа, според неа, ќе го намали дефициот во ПИОМ.
„Пензиските реформи не треба да бидат статични. Тие треба да предизвикаат периодични подобрувања во системот со цел да се осигури одржливост и соодветна корист за идните корисници на пензија. Промените во македонската економија и во пензискиот систем во текот на повеќе од десет години неповолно влијаеја врз резултатите на реформираниот пензиски систем и наметнаа потреба од негово ре-реформирање.
Промените на пензискиот систем што се најавени ќе влијаат на подобрување на основните цели на успешен пензиски систем, а тоа се финансиската одржливост и адекватниот пензиски приход. Направен е елегантен компромис без да се прават драстични и непопуларни промени. Зголемување на пензискиот придонес и можноста за враќање во првиот столб на одредена категорија на пензиски осигуреници ќе влијаат на пораст на приходите на пензискиот фонд. Се зголемува и износот на пензија што членовите на двостолбниот систем ќе го добиваат од првиот столб, што е оправдано затоа што проекциите на идните пензии на пензиските осигуреници со просечна плата покажуваат дека тие би имале помала пензија споредена со пензијата што би ја оствариле ако имале можност да примаат пензија само од првиот столб, вели Мршиќ.

Се зголемуваат придонесите, а не се зголемува старосната граница, плус се најавува зголемување на пензиите и нов тип државна социјална пензија. Дали е ова доволна мерка за да се спаси ПИОМ?
Верувам дека промените се направени врз основа на симулација врз ефектите на пензискиот фонд, како што е назначено во образложението на предложените промени дека дефицитот ќе се намали веќе во првата година од примената на мерките. Зголемување на придонесите е директна и брза мерка за зголемување на уплатите во фондот. Старосната граница за пензионирање во Македонија е на исто или повисоко ниво споредено со голем број земји од Централна и Источна Европа. Оваа мерка дава ефект на среден и долг рок и би можела да се земе предвид во некое следно реформирање на системот. Социјалните пензии се составен дел на пензиските системи во голем број развиени и земји во развој и нив државите ги доделуваат во рамки на своите социјални политики. Следствено, средствата за исплата на овие пензии ќе треба да бидат обезбедени во буџетот и нема да се исплаќаат од собраните придонеси во ПИОМ кои се наменети за старосни пензии.
Каков ефект очекувате?
Реформите на пензискиот систем се важни за неговата одржливост, но тој не постои изолирано туку е под силно влијание на демографските промени, растот на економијата, состојбата на пазарот на труд, нивото на сива економија. Македонскиот пензиски систем се финансира претежно од уплатените придонеси и затоа се потребни стабилни шеми за обезбедување поголемо и формално вработување заради негова стабилна финансиска одржливост. За да се постигне тоа треба да се преземат комплексни мерки со кои ќе се влијае на пораст на бројот на младото и работоспособно население, на задржување на високообразована работна сила во земјата, на намалување на неформалната работа, на зголемување на бројот на вработени лица, на зголемување на продуктивноста и на платите.
Што со реформата на вториот столб? Удар ли е ова врз пензиските друштва?
Можноста што им се дава на членовите на двостолбниот систем за да се вратат во првиот столб ја разбирам како резултат на најавеното решение за оние осигуреници за кои се утврдило дека би оствариле поголема пензија од првиот столб. Тоа е правично и логично решение на проблем што е констатиран во тек на реализација на реформираниот систем.
Александра Томиќ
