Економија, финансии, бизнис

Контакт

МРШИЌ: Придонесите и староста за пензионирање мора да се зголемуваат, социјалната пензија ќе лечи транзициски рани

МРШИЌ: Придонесите и староста за пензионирање мора да се зголемуваат, социјалната пензија ќе лечи транзициски рани

Придонесите за пензија кои ги плаќаат македонските работници се најниски во регионот и треба да се зголемат до износот од почетокот на пензиската реформа кога беше воведен и вториот приватен пензиски столб, вели во разговор за Фактор, Јадранка Мршиќ, професорка на Американ колеџ. Таа своевремено беше и прв човек на едно од двете приватни пензиски друштва кои управуваат со средствата на осигурениците во вториот задолжителен пензиски столб. Тврди дека секоe намалување на стапките на пензиските придонеси ја продалабочуваше дупката во државниот пензиски фонд, која сега тежи дури половина милијарда евра и е на товар на буџетот. Децидна е и дека во следниот период, поради подолгото живеење на населението, треба да се зголеми и старосната граница за пензионирање. Разговаравме во време кога Владата најавува и таканаречена државна социјална пензија за сите лица кои ќе наполнат 65 години, а живееле и работеле во земјава но не успеале да соберат 15 години стаж. Вели дека ова ќе го амортизира ударот за некои граѓани кои во транзицијата останаа без работа.

Разговараше: Александра Томиќ

Мршиќ: Социјалната пензија е добар начин да им се обезбеди минимален приход на лицата над одредена старосна доба. Ваква мерка има особено значење во земјите кои поминале низ транзицискиот процес во кој се затворени големите индустриски претпријатија и голем број на работници останале надвор од пазарот на труд. Во овие и во неразвиените и земјите во развој голем процент од работоспособното население заради високата стапка на невработеност и на сива економија не уплаќа пензиски придонес и затоа не може да обезбеди редовна пензија.

НЕМА ДА ИМА ПЕНЗИЈА ЗА СЕКОГО

Фактор: Како е кај нас?

Мршиќ: Ова е случај и со Македонија, во која коефициентот на ефективна пензиска покриеност е приближно 80 проценти од лицата над законската возраст за пензионирање кои примаат старосна пензија и е пониско од пензиската покриеност во земјите од регионот. Уште подраматична е состојбата со покриеноста на лицата коишто уплаќаат придонесиили тие се 51 процент во однос на 75 отсто колку што се во регионот,  што укажува на намалување на населението што ќе има пристап до пензии во иднина.

Фактор: Дали ќе влијае на намалување на сиромаштијата (или евентуално подобрување на животот на граѓаните)? Некои експертски мислења укажуваат на претпазливост токму од аспект на финансискиот товар врз буџетот.

Мршиќ: Со оваа мерка ќе се намали стапката на сиромаштија затоа што делот од населението над одредена старост кое не остварило право на старосна пензија ќе се стекне со редовни приходи во иднина. Искуството од другите земји во кои постои ваков вид на државна пензија покажува дека оваа мерка помага за подобрување на животниот стандард и на домаќинствата во кои старите лица стекнале право на приход по основ на социјалната пензија.

ПОВЕЌЕ ДА УПЛАЌАМЕ ДОДЕКА РАБОТИМЕ

Фактор: На глобално ниво, популацијата се соочува со стареење, па низа пензиски реформи водат кон зголемување на границата за пензионирање, зголемување на придонесите. Таква препорака имаше и за Македонија и тоа од неколку меѓународни институции. Потребно ли е тоа во моментов и дали ќе има ефект?

Мршиќ: Македонија има една од најниските стапки на придонес за пензија споредено со другите земји од регионот. Стапките беа намалувани во изминатиот период и тоа влијаеше на намалување на приходите на фондот за пензии и ќе продолжи да го зголемува дефицитот на овој фонд и во иднина. Затоа, овој придонес треба да се врати на износот од почетокот на реформата на пензискиот систем со кој ефектите од реформата беа проектирани. Поместување на старосната граница има влијание на расходите за пензии и е условено од стареењето на населението. Подолгото живеење бара и подолго работење за да се намали товарот од нови пензии.

Постојано се зборува за „дупката“ во ПИОМ (делот од сумата за пензии која државата ја одделува од државниот буџет). Јасно е дека од в година се зголемува финансискиот товар, има ли некое системско решение? 

Мршиќ: Не постои магична формула за решавање на проблемот на пензискиот систем. Потребна е комбинирана примена на директните мерки во пензискиот систем, како што е зголемување на придонесот и продолжување на границата за пензионирање, и мерките за раст на економијата и по тој основ  пораст на вработувањето и на платите.

НОВА РЕФОРМА НА ПЕНЗИСКИОТ СИСТЕМ?

Фактор: Во Македонија функционира и вториот задолжителен пензиски столб, реформа за која имаше поделени мислења во однос на поставеноста. Неодамна имаше информации дека државниот фонд нередовно им ги уплаќа придонесите на приватните...

Мршиќ: Пензискиот систем беше реформиран преку растоварување на обврската на државата за обезбедување пензија со воведување на два столба во кои износот на пензија е директно поврзан со ефектите од инвестирање на уплатените пензиски придонеси, а целта беше да се постигне долгорочна финансиска оддржливост на системот. Во меѓувреме се случуваа промени во економијата и во пензискиот систем и затоа е потребна процена на воспоставените цели за реформите на пензискиот систем и на потребата од негово ререформирање. Пензиските реформи не треба да бидат статични; тие треба да предизвикаат периодични подобрувања во системот со цел да се осигури одржливост и соодветна корист за идните корисници на пензија.

Слично

Поврзани вести