МПЦ-ОА основаше уште една фирма за трговија со струја
Со 20 отсто удел на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и 80 отсто удел на австралиската фирма „Пела Глобал лимитед“, на македонскиот пазар се појави нова фирма за производство на електрична енергија од обновливи извори, „Константин енерџи“.
Како што пренесува Призма, фирмата е основана со паричен влог од 5.000 евра, а директор е Aвстралиецот со македонско потекло, Николче Јовановски. Тој е еден од директорите на „Пела глобал лимитед“, фирма која работи на проекти за рударство и обновлива енергија низ Југоисточна Европа.
На страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија ѝ се: унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон, во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.
Призма потсетува и дека ова не е прв влез на МПЦ-ОА во енергетскиот сектор. Во 2020 година МПЦ-ОА заедно со три физички лица и друштвото „Мелничко-пекарска индустрија Жито Караорман“, ја основаа хидроцентралата „Драгов дол“ од Кичево.
Две години подоцна, во 2022, МПЦ-ОА влезе како содружник во фирмата „Тринити солар“, која исто така е регистрирана за производство на струја.
