Можно намалување на цените на горивата уште од понеделник
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во текот на следната недела е можно дополнително намалување на цените на горивата, доколку продолжи поволниот тренд на светските пазари.
Тој посочи дека цените на нафтените деривати се формираат според законска формула и зависат од движењата на берзите, но очекува најмалку да се задржи сегашното ниво, со можност за ново поевтинување веќе од понеделник.
Според најавите, безоловните бензини ќе поевтинат за 1,5 денари по литар, додека дизелот ќе биде поевтин за 2,5 денари. Дополнително, во сила остануваат и попустите од ОКТА – 2 денари за бензините и 3 денари за дизелот.
Владата истовремено одлучи да ја продолжи кризната состојба, како и мерката за намалена стапка на ДДВ за горивата, која останува на 10 проценти наместо редовните 18.
– Ќе го задржиме нивото на ДДВ на 10 проценти, а во зависност од цените на берзите ќе се коригираат и акцизите – изјави Мицкоски.
Попустите договорени со ОКТА ќе важат најмалку до крајот на април, а во тек се и разговори за дополнително намалување на цената на дизелот за уште еден денар по литар.
Премиерот нагласи дека Владата внимателно ги следи глобалните цени на нафтата, кои моментално се движат околу 90 до 91 долар за барел, и врз таа основа ги креира мерките за заштита на стандардот на граѓаните.
