МОЖНО ЛИ Е СКОПСКИТЕ ДОМАЌИНСТВА ДА СЕ ГРЕАТ НА СЕ ПОСКАПИОТ ДИЗЕЛ - цените за испораките во ноември повисоки за 33 отсто
Цените на дизелот на светските пазари се повисоки за 33 отсто за испораките во ноември, а експертите очекуваат дека зголемувањето ќе биде уште повисоко во следните месеци поради рекордниот недостиг на дизел во САД и во ЕУ.
Водечките бизнис аналитичари во САД истакнуваат дека неконтролираното зголемување на цените на дизелот е резултат на многу малите резерви од овој енергенс, особено сега во зимската сезона кога побарувачката се зголемува неколку пати. Граѓаните на САД веќе се во паника.
Недостигот од дизел и високиот пораст на неговата цена предизвикува паника и во европските земји кои се обидуваат да набават што поголеми количини, што од друга страна дополнително ја зголемува цената на дизелот во Европа. Во ваква комплицирана ситуација и прогнози за нов, неконтролиран пораст на цената на дизелот, Владата размислува да го користи овој енергенс за работа на топланите Исток и Запад, преку кои околу 60.000 домаќинства во Скопје се снабдуваат со топлинска енергија за парно греење.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека по 15 ноември компанијата ќе спроведе тест-период врз двете топлани за да провери како тие ќе работат на дизел. Според Ковачевски, префрлањето на топланите на дизел од гас, кој сега го користат, е една од алтернативите доколку гасот периодов стане многу поскап или потежок за набавка. Опцијата топланите да се загреваат на дизел, според најавите на Ковачевски, ќе остане отворена и во следните грејни сезони, во зависност од приликите и условите на светските пазари.
Но, во оваа ситуација ниту една надлежна институција не ги разгледува последиците од користењето други горива (дизел или мазут) врз воздухот кој во Скопје бележи рекордна загаденост во зимскиот период во последната декада.
Гасот е многу поеколошки енергенс со минимално влијание врз квалитетот на воздухот, за разлика од дизелот кој е познат како голем загадувач.
