МОЖНО Е ДА НЕМА ПРОГРЕСИВЕН ДАНОК И ПО 1 ЈАНУАРИ: Даночниот модел ќе го прават експерти, премиерот не е цврсто „за“?
Годинава нема да се менува даночниот модел, но се понеизвесно е дали тоа ќе се случи и по 1 јануари 2023 година кога истекува тригодишниот период во кој беше замрзнато прогресивното оданочување. До тогаш, а можеби и понатака ќе се применуваат стапките кои и сега се на сила – односно концептот на рамен данок. Владини извори за Фактор велат дека ако се оди на извесна промена на даночниот модел, но тоа најверојатно и нема да биде класично прогресивно оданочување. Моделот ќе биде на јавна расправа, а откако ќе се усвои ќе се применува шест месеци подоцна. Нашите извори тврдат дека премиерот Димитар Ковачевски, лично е поборник на тезата дека во овој момент рамниот данок е подобро решение за Македонија. Тој застапува мислење дека треба секако во извесно време да се постигне таканаречена вертикална праведност. Тоа впрочем го пишува и во владината програма со која Ковачевски ја бараше довербата во Парламентот, а откако го доби мандатот за состав на новата Влада.
„За наредните пет години, главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност, која може да се смета за пошироко решение од прогресивноста на даноците. Очекуваните резултати се новодизајниран модел за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот“, напиша Ковачевски во програмата.
Во неа исто пишува дека се предвидени политики за сериозно намалување на неформалната економија и даночната евазија. Целта на Владата била да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето.
Од друга страна во јануари 2023 година истекува периодот кој беше даден како време во кое се одложува прогресивното оданочување. Тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска на 1 ноември 2019 година изјави дека примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти.
Во мирување беше ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти се применуваше и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.
Инаку според официјалните изјави веќе е почната реформа на даночниот систем со фокус на зајакната наплата во детектираните дејности и силна борба против неформалната економија.
A.T.