Можно е прогласување на кризна состојба во скопско и тетовско
Вицепремиерот и министер за здравство, Никола Тодоров по завршување на состанокот на Управувачкиот комитет за справување со кризи потенцираше дека ќе предложат до Владата прогласување на кризна состојба во траење од 15 дена во скопскиот и тетовскиот регион.
Тој објасни дека петнаесет часа сите институции се во борба со отстранување на последиците од силното невреме од невидени размери што не се памети долго време. Тодоров кажа дека од изутринава од 6 часот теренот се пребарува и со хеликоптери.
„Почнавме со ваква систематска активност со прочешлување на целиот терен. При овие пребарување беа најдени неколку починати лица во рамки на оваа бројка. Искрено сочувство до семејствата на сите кои претрпеа сериозна загуба, до сите граѓани на Град Скопје. Фокусирани сме на пребарување на целиот терен и извлекување на оние кои се во загрозениот регион, обезбедување на сместување, храна, вода, испумпување на надојдената вода од поплавените куќи“ - вели Тодоров.
Договорено е да се отпочне со формирање на комисии за проценка на штета која ќе стартува по расчистување на теренот.
