МОЖНИ СЦЕНАРИЈА: Што по излегувањето на ДУИ од Владата?
ДУИ синоќа одлучи да ги повлече сите сегашни претставници од извршната власт во Македонија. Од партијата на Али Ахмети, испратија соопштение во кое потврдуваат дека централното раководство на ДУИ одлучило да ги повлече своите актуелни претставници од извршната власт на Република Македонија.
Не е првопарилска шега, а веќе не е ниту шокантна веста, дека ДУИ ќе ги повлече своите пртставници од Владата. Домашната, па и меѓународната јавност веќе се навикнати на ваквите игри на коалициските партнери во владата ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Речиси по истиот терк, овие две партии годините наназад со истиот веќе испробан рецепт, навестуваат избори. Со сличен концепт двете партии најавуваа дека на 24 април годинава ќе одат на избори, па ако треба и без опозиција, но...?
Старо нова игра на верните ВМРО ДПМНЕ и ДУИ или широка Влада?
Првичните реакции на аналитичарите во земјава се дека оваа одлука на ДУИ, е помалку контрадикторна, особено ако се има во вид вториот дел од соопштението на ДУИ..Имено, ако во првиот дел, партијата на Ахмети, најавува дека ќе ја напушти владата, без детално образложение, во вториот дел од соопштението е практично самиот демант на првиот дел. Еве што пишува:
„Претседателството, исто така, ги потврди статутарните права и ги делегира сите извршни права и овластувања за донесување одлуки на претседателот Али Ахмети за да одлучи за следните чекори на Демократската унија за интеграција. ДУИ, исто така, ја информира локалната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Ако ДУИ навистина одлучи да ја напушти Владата, зошто тогаш ќе ја информира и овдешната и меѓународната јавност дека ќе ги преиспита своите политики во наредните денови, коментираат дел од аналитичарите кои ги консултираше Фактор, кои додаваат дека ова е веќе видено сценарио на верните коалициони партнери, особено што во соопштението пишува дека ќе се повлечат од владата, што не значи и дека даваат оставка.
Сценарио 1: Можни ли се избори на 05 јуни?
Пречистувањето на избирачкиот список и работата на ДИК се практично клучни за одговорот на ова прашање. Предвремените парламентарни избори се закажани за 05 јуни, но како што тврди целата опозиција, без прочистен избирачки спсиок избори и медиумски реформи избори не се можни или тие се возможни, но без опозицијата, (СДСМ; ЛДП, ДС, ДОМ, Унитети, Беса, партиите на Руфи Османи, на Зијадин Села и другите). ВМРО ДПМНЕ, синоќа немаше коментар на одлуката на ДУИ.
Не би било прв пат Груевски и Ахмети да ретерираат
На почетокот на годинава, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, беа децидни дека на 24 април 2016 година, ќе одат на парламентарни избори, бидејќи таков бил договорот од Пржино. Иако, до последен момент тврдеа дека ќе одат на избори, сепак, ретерираа од својот првичен став.
Сценарио 2: Можно ли е ново парламентарно мнозинство и широка Влада
Тешко е да се толкува дека одлуката на ДУИ за повлекување од Владата, може да значи ново парламентарно мнозинство, затоа што ова е игра на коалициските партнери ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, уверени се аналитичарите.
Иако, математички тоа е можно. Според други извори, иако е тешко веројатно, сепак не е исклучена можноста од широка техничка Влада во која ќе учествуваат четирите политички партии се додека не се подготви терен за фер и демократски избори, што подразбира прочистен избирачки список и медиумски реформи..
Сценарио 3: Одлуката на ДУИ е обид за дефокус од „Тврдината“ на СЈО
Притворот за началникот на петтата управа во МВР, Горан Грујевски кој е и првоосомничен во истрагата на СЈО за предметот „Тврдина“, како и се позачестените настапи на специјалните обвнители се практично одговор на владеачката коалиција ВМРО ДПМНЕ и ДУИ. Партиски извори тврдат, во партијата на Ахмети, наводно биле многу гневни на објавувањето на прислушкувани материјали на социјалните мрежи, па поради тоа се одлучиле на овој потек за повлекување од Владата.
Р.Ф.
Слично
