Можни се санкции за Македонија и одземање на препораката
Во Брисел се размислува за воведување санкции против водечки македонски политичари, потврдија за Дојче Веле извори во Европската Унија.
Најверојатно ќе има серија мерки против поединци, но и кон државата наскоро ќе влезе во процедура преку Европската Комисија.
ЕУ политичар кој инсистираше на анонимност попладнево за ДВ потврди дека откако претседателот Ѓорге Иванов прогласи амнестија и се откажаа разговорите во Виена, тоа е следниот чекор.
„Точно е. Се размислува за сериозни санкции. Прв чекор ќе биде одземањето на препораката за почеток на преговорите“- вели изворот.
Таквата можност, меѓу редови, беше најавена и во денешната заедничка изјава на комесарот за проширување, Јоханес Хан и тројцата европратеници кои посредуваа во македонската политичка криза, Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едуард Кукан.
