Можен гасовод сличен на Јужен тек
Русија е спремна да спроведе проект на гасоводот под Црното море сличен на Јужен тек ако Европската комисија покаже интерес, рекол портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Песков рекол дека Русија разговара за таквите проекти со партнерите, но дека се зависи од тоа „колку е предвидливо и конструктивно однесувањето на Европската комисија“.
„Русија планира тоа да го направи ако постои интерес. Ова руската страна го потврди во повеќе прилики“, рекол Песков.
Песков исто така рекол дека директорот на Гаспром Алексеј Милер неодамна престојувал во Италија каде е потпишан меморандум за проектот под Црното море за „доставување на гас за Грција и Италија“.
Портпаролот на претседателот Владимир Путин рекол дека во моментов „нема проект ...сличен на Јужен тек“, бидејќи од тој гасовод се откажале поради ставот на Европската комисија. Песков додал дека Гаспром покажал интерес за таков проект.
Рускиот амбасадор за ЕУ Владимир Чизов изјавил претходно овој месец дека шансите за продолжение на проектот за изградба на гасоводот Јужен тек и понатаму постојат.
