ДО КОГА ЌЕ СИ ЗАМИНУВААТ: Може ли Македонија да го спречи одливот на мозоци?
Бавен процес на напредок во кариерата, партизирани институции, низок стандард и плати кои не одговараат на квалификациите, ова според дел од експертите се клучните причини зошто се зголемува одливот на “мозоци“ од земјава. Во последните 20 –тина година Македонија се соочува со интелектуален егзодус. Не толку висината на платите, колку другите фактори, како подобри услови за работа, шанса за побрзо напредување во кариерата, ги тераат високостручните кадри работната кариера да ја градат во странство. Според анализите профилот на високообразованите македонски стручњаци кои се одлучуваат да работат во странство е различен, но најчесто тоа се машински и електро инженери, информатичари, доктори.
-Има неколку фактори кои влијаат на зголемувањето на одливот на мозоци. Ќе набројам неколку, несоодветно вработување во споредба со образованието, неадекватни плати во однос на искуството и образованието, отсуство на почит и ценење на квалитетниот кадар, неприлагодена понуда за потребите на пазарот. Мислам дека клучно за да ги засржиме овие вискоквалификувани кадри е понуда на адекватно работно место а тука мислам на бенефициите, можноста за напредок и заштита на работничките права, и секако адекватна плата. Од круцијално значање за развојот на нашето стопанство и севкупната економија е да се работи на изнаоќање начини за овие висококвалификувани кадри останат да работата во земјава, вели за Фактор, политикологот Соња Стојадиновиќ.
Дел од експертите велат дека некои високостручните кадри како на пример програмерите и во земјава земаат високи плати, со кои можат пристојно да живеат во Македонија.
-Проблемот е веројатно голем штом се отвараат толку дебати на оваа тема во последно време. Треба да се видат статистики и ако не постојат, треба да се изготват сеопфатни статистики, да се види колку се привремено на работа, колку се трајно иселени со семејствата.Причините поради кои заминуваа се различни. Јас можам да зборувам само за нашиот кадар од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Сите програмери во Македонија живеат пристојно. Најголемиот дел од нив имаат плата која е над просекот во земјава.
Почетната плата по дипломирањето им е приближно колку просечната плата. Релативно, тука тие ќе живеат побогато и пред с'е поубаво отколку во странство. За најкрупните животни прашања во животот ќе им треба приближно исто време за да ги постигнат - и тука сега можат да си земат кредит на 30 години за стан или куќа, ама во странство ќе мораат да земат таков кредит за истото нешто. Кај нас веројатно 90% од луѓето си живеат во свои домови, додека во Велика Британија, на пример, само 64% живеат во свои домови (според пописот од 2011), па сега видете каде полесно ќе дојдете до свој дом.
Инаку краткорочно, особено додека се без семејство, секако дека е поисплатливо за младите луѓе да живеат како на продолжен студентски живот, осаменички таму во странство и целата плата да ја трошат за себе, па многумина се подлажуваат и заминуваат во таа фаза од нивниот живот. Но кога станува збор за веќе семејни луѓе, тогаш трошоците за живот се релативно исти како кај нас, со оглед на тоа дека кај нас сите можни потребни услуги во животот се неспоредливо поевтини во споредба со тоа побогато странство,вели за Фактор, проф.д-р Андреа Кулаков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство
Програмерите и натаму се дефицитарен кадар
Анализите покажале дека поголемиот дел од студентите по информатика наоѓаат работа за три месеци по дипомирањето, а една година потоа размислуваат за иселување од земјава. На терен овој кадар и натаму во земјава е дефицитарен, побарувачката особено расте и со новите странски инвестиции, коментираат стопанствениците.
-Бизнис секторот е засегнат од одливот на ИКТ кадарот. Овој тренд го цениме како негативен. Веќе долго време имаме недостиг од кадар и овој тренд практично прави недостиг на кадарот што ни е потребен, вели Саша Огненовски,претседател на ИКТ комората при Сојузот на стопански комори на Македонија.
Од друга страна во Агенцијата за варботување, околу 1.300 дипломирани информатичари се водат како невработени, кои според надлежните институции, работат од дома за странски компании. Министерот за информатичко општество изјави дека Владата ја разгледува можноста да обезбеди дополнителни средства за дообука на овие 1.300 невработени информатичари евидентирани во Агенцијата за вработување затоа што има голем број странски компании од секторот информатички комуникации кои доѓаат во Македонија и бараат таков кадар.
Од факултетите чии кадри најчесто заминуваат да работата во странство велат дека голем дел од нивните студенти наоѓаат работа во првите три месеци по дипломирањето, но за да се задржат на тоа работно место важно какви услови ќе им се понудат.
-Она што е неформално е дека повторно дури и оние што ќе најдат работа во првата година откако ќе завршат, често размислуваат за иселување и значителен дел од нив наоѓаат работа на друго место. Меѓутоа тоа е прашање на отворен пазар. Ако сакате да задржите квалитетен човек кој може да најде работа каде било треба да му понудите соодветни услови тука, вели Владимир Трајановиќ, продекан на ФИНКИ.
Најчесто привлечни земји за вискообразовните кадри се Холандија, Велика Британија, Германија.
Како да се спречи одливот на мозоци?
Министерството за образование,наука и култура лани донесе Национална стратегија за намалување на одливот на високо образовен кадар и во нејзе се предвидени неколку мерки за спречување или намалување на одливот на мозоци. Неодамна и од министерството за образование наука и култура потврдија дека процентот на високообразовните кадри кои заминуваат од земјава е висок, но велат дека сеуште е рано да се видат ефектите од стратегијата. И во последниот извештај на Светска банка се посочува дека загубата на одделни видови на професии во форма на одлив на умови е особено изразена во Македонија, а секој од високообразовните граѓани кој има шанса заминува во странство. Според достапните податоци речиси 30 отсто од високообразовните лица живеат во странство , а над 85 проценти од младите во завршни студии се изјасниле дека својата иднина ја гледаат надвор од границите на државава. А токму овие високообразовани кадри се важни за севкупната економија и за подигнувањето на бруто-националниот производ. Експертите велат дека за решавње на проблемот треба да се видат искуствата од другите земји.
-Треба да се види прво што правеле други земји со истиот проблем. Тоа може да бидат и даночни олеснувања за основање на фирми од иселеници кои би се вратиле овде да живеат и творат. Може да биде и отварање на научни зони како во Тајван, каде преку 50% од фирмите се основани од повратници од САД. Може да биде и заедничка активност на нашата држава со некои организации како што е Македонија 2025, да работат на убедување да дел од капиталот и луѓето се вратат во Македонија, со низа стимулативни мерки. Има и добри аспекти од заминувањето од странство - се остваруваат блиски контаки кои подоцна може да вродат со некаква трговска размена и отварање на работни места во Македонија. Инаку секако дека е важно за нашето стопанство да има квалитетен кадар овде, кој ќе биде способен да води кон развој. Затоа ќе завршам со зборовите на Слаѓан Михајловски, претседателот на стопанската комора за информатика МАСИТ, кои ги кажа на првиот свечен час на ФИНКИ оваа година: Сите да си помислиме - што ќе беше од Македонија, ако сите што ги бива заминеа? А што може да биде, ако барем еден дел, од тие што заминале, се вратат, вели универзитетскиот професор Кулаков.
Се повеќе млади ја напуштаат земјава
Анализите на дел од невладините организации покажуваат дека не само високообразовните кадри, туку генерално се повеќе млади лица иднината ја гледаат во западно европските и преку океанските земји. Високата стапка на невработеност, нискиот стандард, и вработувањата по партиски клуч се главните причини што речиси половина милион македонци ја напуштиле земјава од нејзината самостојностСпоред последниот извештај на Светска банка 447. 137 државјани ја напуштиле Македонија, поради што земјава е рангирана во групата со најмногу емигранти и е на 23 место во групата од 25 земји со најмногу емигранти.
Ј.С
Слично
