Може да се подигаат бесплатни проекти за изградба на куќа
Од денес во Министерството за транспорт и врски и на веб страницата www.mtc.gov.mk. (десно) се достапни бесплатните проекти за изградба на куќа.
Оваа мерка овозможува субвенционирање од 900 до 2.000 евра преку обезбедување бесплатен проект за изградба на објекти за домување и за истиот нема ограничување за локацијата.
Ресорниот министер Владо Мисајловски соопшти дека Министерството за транспорт избрало идејни решенија со изработен проект за шест типа објекти со различна површина.
„Се работи за готови изработени проекти за куќи во кои се вметнати сите фази во изградбата: статика, електрика, машинство и противпожарна заштита. Проектите се за изградба на индивидуални куќи со површина од 60, 80, 100, 120, 150 и 180 метри квадратни“, посочил министерот.
Оваа мерка не само што ќе ги намали трошоците за градење туку и ќе ги намали роковите за вадење одобрение за градење информираше Мисајловски.
- Тоа значи дека секој кој сака да гради куќа на пример од овој тип, ќе може од Министерството за транспорт да подигне готов проект и со него да поднесе одобрение за градење. Единствено инвеститорот ќе треба да изготви геодетски елаборат, појасни Мисајловски, истакнувајќи оти постои и можност да се направи корекција на основниот проект во зависност од сопствените желби и потреби на инвеститорот.
Мисајловски тврди дека со оваа мерка не сакаат да направат конкуренција на проектантските куќи, туку да им излезат пресрет на граѓаните кои сакаат да заштедат во тек на градбата.
Ревизијата на проектите за куќите што ја побарало Министерството, како што информира, покажала дека се направени согласно сите градежни стандарди и параметри.
