Економија, финансии, бизнис

Контакт

Можат да опстанат само компаниите кои инвестираат во едукација на вработените

Можат да опстанат само компаниите кои инвестираат во едукација на вработените
Со сигурност може да се каже дека обуките се важен дел од секоја политика за управување со човечките ресурси и дека е исклучително значајно менаџментот на секоја компанија во фокусот на менаџирањето на кадрите да ги постави обуките на вработените. пишува: Крсте Панџак, Стопанска Банка Битола Во политиките и стратегиите на управувањето со човечките ресурси во денешното деловно опкружување во секоја компанија, од особена важност е препознавањето на значајното влијание на обуките кои ги обезбедува компанијата за своите вработени. Може со сигурност да се каже дека секоја компанија ќе измери бројни позитивни трендови во параметрите на сите аспекти на своето работење ако им обезбедува соодветни обуки на вработените зашто секој добро обучен (а со тоа и квалификуван) работник неминовно придонесува во насока на зголемување на продуктивноста и профитот на организацијата. Инвестирањето на компанијата во обуки за своите вработени ја зголемува стапката на задржување на вработените во самата компанија (познато како „worker retention rate“), обезбедува клиенти кои стануваат позадоволни со услугата што им се пружа од ваквите вработени, придонесува за привлекување нови клиенти, ја зголемува моќта на креативниот процес кај работникот во насока на предлагање идеи за нови производи и услуги, инт. Позитивното влијание на ефективните обуките се гледа и во фактот што кај обучените работници значително позабележлива е заштедата на трудот која произлегува од фактот што тие трошат помалку време на работни задачи кои вклучуваат техники на мисловни процеси како што се решавање проблеми или анализа, па дури и извршување на попрости технички или механички операции. Во поширока смисла, може да се каже дека квалитетните и соодветно насочени обуки за вработените доведуваат до големи заштеди затоа што самата компанија преку обуките си обезбедува подобра и поефикасна работна сила. Заштеда на време и намалување на трошоците Инвестирањето во обуки за вработените може на компанијата да ѝ ја подобри финансиската позиција. Гледиште кое сугерира на ваква последична поврзаност може да не е на прв поглед толку очигледно, но ако се навлезе подлабоко во логиката на (општите) трошоци и обуки, поврзаноста станува се поочигледна. Имено, лоши резултати во работењето најчесто покажуваат работници кои не знаат што точно треба да работат, како да си ја вршат работата или зошто е потребно да работат на одреден начин. Обуките можат да помогнат во отстранување на ваквите проблеми во работната успешност преку, на пример, детално објаснување на работните задачи, теоретски но и практично. Ова би требало да доведе до намалување на дуплирањето на напорите за завршување на одредена работна задача на работното место, намалување на времето потрошено за коригирање на грешките и процесот на решавање на проблеми кој е неопходен за коригирање на лошите резултати од работењето на работникот. Зголемената успешност во работењето која произлегува од континуирано правилно обучување на работниците може да резултира со намалување и одржување на здрава стапка на обрт на вработени во компанијата, како и намалување на бројот на поплаки од клиентите. Исто така, општо правило е дека поголемата успешност на работникот ја намалува потребата за надзор и проверка и ја зголемува неговата целокупна продуктивност. Поголема сатисфакција кај работниците Важен фактор во работната средина кој е поврзан со успешноста на работата е самата сатисфакција на работникот од работата којашто генерално гледано се зголемува, заедно со самодовербата, кога работникот добро ги познава работните задачи и самиот начин на функционирање на компанијата. Обуките се, исто така, значајни затоа што можат значително да го подобрат моралот на вработените како и нивната лојалност кон компанијата. Повеќе студии и испитувања од областа на човечките ресурси укажуваат на тоа дека работниците кои сметаат дека нивната компанија пружа добра можност за обуки е помалку веројатно да ја напуштат компанијата отколку оние вработени кои немаат или имаат многу мали можности да посетуваат обуки. Секако, многу е значајно самите обуки да ги исполнуваат професионалните очекувања и потребите на работниците, затоа што само на тој начин компаниите ќе успеат да ги задржат вработените кои сметаат дека обуките што им ги нуди нивната компанија се релевантни и значајни за нивното работно место и професионално надоградување. Ова пак од своја стана резултира со последователен позитивен ефект во смисла на поголема приврзаност и лојалност на работникот кон компанијата. Со сигурност може да се каже дека обуките се важен дел од секоја политика за управување со човечките ресурси и дека е исклучително значајно менаџментот на секоја компанија во фокусот на менаџирањето на кадрите да ги постави обуките на вработените, да ги препознае нивните потреби за обука, да успее да ги поврзе со потребите од стручен, професионален и обучен кадар на компанијата и на тој начин да изгради армија на квалификувани и задоволни работници кои заедно со менаџментот ќе се обединат кон континуирано подобрување на работењето, остварување профит и раст, што е во суштина целта на секоја компанија.
Слично

Поврзани вести