Економија, финансии, бизнис

Контакт

Можеби не е најстудена, но сигурно ќе биде најскапа зима! Еве и зошто

Можеби не е најстудена, но сигурно ќе биде најскапа зима! Еве и зошто

Рускиот гас покрива околу 46 отсто од потребите на ЕУ за него нема алтернатива и по тоа прашање има консензус. Недостигот од гас е пострашен од војната меѓу Русија и Украина. Експерти се согласни дека ако „се спука“ меѓу двете земји ова ќе биде најстудената и најскапа зима затоа што ќе запре рускиот гас за Европа. Тоа ќе ги тресне од земја економиите на ЕУ земјите, а ќе ги стресе големите берзи на кои се тргува нафта, деривати, јаглен, пченица и паладиум (компонента за катализатори во светската автомобилска индустрија). „Светот Русија ја препознава како светска станица за гас. Но таа е повеќе, таа е светска супер продавница нешто како „Walmart“ за суровини“ – велат експерти на Royal Bank of Canada

Доколку се случи, војната меѓу Русија и Украина ќе ја колабира економијата на најсилните држави во Европската Унија. Природниот гас што сега од Русија го добиваат најсилните европски економии: Германија, Франција, Италија, Австрија, Холандија е енергенс за кој нема алтернатива. Рускиот производител „Гас Пром“ покрива до 46 отсто од потребите за природен гас на земјите од Европската Унија, покажуваат анализите кои во основа ги земаат податоците на европската статистичка организација „Евростат“. Најавата за тоа што може да претстои веќе дојде преку растот на цените на природниот гас на европските берзи, а таа појава не ги поштеди ниту набавките преку билатерлни договори иако во многу помала мерка.

Најзагрижувачки е тоа што Европа нема алтернатива за рускиот гас, ова го потврдува и анализа на угледниот „Форин полиси“ достапна на следниот линк https://foreignpolicy.com/2022/01/27/russia-europe-energy-natural-gas-ukraine/

Отворен воен конфликт меѓу Украина и Русија ќе значи санкции од обете страни и меѓудругото запирање на природниот гас што државите од ЕУ го користат за загревање и за енергенс во нивните економии. Според најновите официјални податоци на ЕУ Русија покрива околу 46 отсто, Норвешка 20 отсто, Алжир околу 12 отсто, од САД се увезува втечнет природен гас доволен за 6 отсто од потребите, а од Катар околу 4 отсто. Сите други земји увознички на природен гас заедно покриваат околу 12 отсто од потребите на ЕУ. 

„Ако односите се влошат, а тоа сега изгледа веројатно голем дел од Европа ќе има многу студена и исклучително скапа зима“, изјави за „Форин Полиси“ Адам Томсон, поранешен британски амбасадор во НАТО и директор на Европската мрежа на лидери.

Токму набавката на природен гас за потребите на ЕУ ќе биде главната тема на денешната средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани емирот на Катар (земја најголем производител на природен гас на светот). Познавачите велат дека САД од своите партнери бара вклучување во снабдување на Западна Европа со природен гас кој треба да го замени рускиот гас во случај на ескалација на конфликтите. Но познавачите на глобалниот пазар на енергенски се убедени дека на краток рок кусокот на руски гас не може да се покрие од две причини. Прво, Русија е многу голем производител и компензација на тие количини за другите производители ќе значат раскинување на долгорочни договори што не е изводливо. Второ, голем дел од големите светски производители на гас немаат капацитет да го зголемат производството кое во најголема мерка е однапред продадено.

ОФИЦИЈАЛНИ ПОДАТОЦИ: Колку природен гас продал руски „Газпром“ на европските земји?

„Газпром“ во 2020 година на европскиот пазар продал 175 милијарди кубни метри природен гас. Од тоа 120 милијарди кубни метри конзумирале земјите на ЕУ. Најголем потрошувач е Германија чија индустрија и домаќинства апсорбирале речиси 46 милијарди кубни метри гас. Италија е втор најголем потрошувач на руски гас со речиси 21 милијарда кубни метри. Следат Австрија со 13 милијарди кубни метри, Франција со 12 милијарди речиси исто и Холандија. Полска троши 10 милијарди кубни метри, а Унгарија и Словачка речиси по 9 милијарди кубни метри природен гас. Од земјите кои не се членки на ЕУ најголем потрошувач е Турција со повеќе од 16 милијарди кубни метри гас. Од соседните земји Бугарија потрошила 2,3 милијарди кубни метри, а Србија 1,3 милијарди кубици. Македонија во 2020 година од „Газпром“ купила 140 милиони кубици природен гас. Целата листа е достапна на следниот линк Gazprom Export.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести