Економија, финансии, бизнис

Контакт

Може ли заморот од војната во Украина да донесе мир!?

Може ли заморот од војната во Украина да донесе мир!?

Денес завршува примирјето предложено од американскиот претседател, Доналд Трамп, меѓу Русија и Украина. Рускиот претседател, Владимир Путин, предложи примирје на 8 и 9 мај, украинскиот, Владимир Зеленски, на 5 и 6 мај, со закани дека може да изврши напад врз учесниците на парадата на Црвениот плоштад. Пресече Трамп, кој претходните денови разговарал со Путин и на таа тема. Според Путин, одлучувачки бил стравот дека во одмазднички напад на Русија, доколку беше извршен напад врз парадата би можеле да настрадаат и американски дипломати. Работата се реши лесно. Во Мајами го викнаа првиот човек на Советот за национална безбедност на Украина, Рустем Умеров, па, меѓу другото, договорено е и примирјето.  

Дали тоа може да биде вовед во нешто поголемо? На пример подолготрајно примирје. Шанси за траен мир. Тоа го посакува и Трамп. „Можеби тоа би било добро. Би сакал да престане. Војната меѓу Русија и Украина е најлошото нешто што се случило по Втората светска војна во однос на човечките загуби... Така што (продолжувањето на прекинот на огнот) е сосема можно“, рече тој. Кон ова се приклучија и обложувалниците. Polymarket, позната он-лајн платформа за прв пат ја процени на 100 проценти шансата за мир во Украина, до крајот на годинава. Обложувањето за веројатниот прекин на војната почна во јули минатата година.  Станува збор за обложување на реални настани, политички, спортски, економски, воени...До 8 мај веројатноста за вакво сценарио беше 28 проценти.  Инаку, досега највисока оценка за мир во Украина била лани во август -  71 процент. Изјавите, примирјето, најавите за негово можно продолжување, како што видовме влијаеа и врз обложувалниците, но забележителен е и падот на акциите на воено индустриски компании. И во Европа и во Америка.

Можеби врз сето ова влијаеше и изјавата на Путин пред новинарите, после парадата,  дека „војната е на пат да заврши“. Оваа изјава збуни многумина, ако се има предвид она што го говореа луѓе од неговото опкружување. Тие ја повторуваа истата идеја неколку пати: за да се стави крај на борбите, Киев мора да донесе „едно решение, нему добро познато“. Се појаснува дека тоа значи повлекување на украинските трупи од Донбас, нешто за кое Москва тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп се согласил со Путин во Анкориџ, а нешто што Зеленски (со европска поддршка) одбива да го направи. Можеби Путин знае нешто повеќе. Но, барем досега, Украина, Зеленски, е цврст во ставот дека нема повлекување од Донбас. А Русите можат да се обидат да го освојат по воен пат. Освен, ако нема некоја причина, Зеленски да го промени ставот. Но тој одбива да разговара на таа тема, барем засега. А за да се согласи треба да постои силна причина. На пример, САД да се заканат дека ќе го исклучат „Старлинк“ за украинската војска и дека нема да има даваат разузнавачки податоци. Засега Американците тоа не го прават.

ЦВЕТАЊЕ РУЖИ

За Зеленски изјавата на Путин значи дека тој е подготвен за „вистински средби“. Што значи ова? Украинскиот претседател изјави дека лидерот на Кремљ „самиот вели дека конечно е подготвен за вистински средби“. „Ние малку го поттикнавме, и ние долго време се подготвуваме за средби - треба да најдеме формат“, рече Зеленски. Реално гледано ништо од она што Путин го кажа пред новинарите не укажува на промена на неговиот став. Словачкиот премиер, Роберт Фицо, кој на 9 мај беше во Москва, се сретна со Путин и му ја пренесе пораката дека Зеленски е подготвен да се сретне со него. Путин повтори две точки во врска со средбата со Зеленски:  Ако Зеленски сака да се сретне, може да дојде кај него во Москва. Или нека крене телефон, ако сака да разговара. А Зеленски не сака да оди. Вели Русија е агресор и тој не оди таму. Путин изјави дека средба со Зеленски на кое било друго место е можна само ако се финализира мировниот договор и на неа да биде потпишан. А таков договор засега нема на видикот. Веќе ги кажавме условите на Кремљ за прекин на огнот. Затоа, Зеленски може да види напредок за состанок, само ако самиот се предомисли и се согласи да ги повлече трупите од Донбас.

Ова е малку веројатно, освен, како што рековме, Американците не го притиснат украинскиот претседател. Како што беше за парадата на 9 мај. Некои сметаа дека поверојатно е дека Зеленски едноставно ќе ја продолжи својата информативна кампања за тоа дека „Путин е слаб и прави отстапки“, периодично давајќи соодветни „стимулации“ на оние сили во Русија кои таму промовираат слична кампања. Но и нему не му цветаат ружи дома. Особено со најновите коруптивни скандали, кои полека се доближуваат до него, преку неговите блиски соработници и некогашни другари. Некои избегаа во Израел, други се осомничени, трети, како Умеров, за кого се бара истрага, можат лесно да бидат уценувани од Американците. Кои знаат многу за корупцијата во Украина.

Сето ова зборува дека како да постои замор од војната. Уморени се Русите, уморени се Украинците, па и Американците, кои во еден момент, според државниот секретар, Марко Рубио, можат да кренат раце од посредувањето и покрај искрените желби да се помогне за мир во Украина. Уморот е една работа, но и парите се влијателен фактор во војната. Поради нив уморна е и Европа. Но, таа засега е нејасна дали е за војна или за мир со Русија.  

Европската Унија се подготвува за можни преговори со рускиот претседател Владимир Путин. Одлуката произлегува од незадоволството на европските лидери од постапките на американскиот претседател Доналд Трамп. Ова пред некој ден го објави „Фајненшл тајмс“. Според текстот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјавил дека блокот има поддршката од Киев за обид за започнување преговори со рускиот претседател. „Водам разговори со лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ за да го одредам најдобриот начин за организирање на нашата работа и да разбереме што треба да разговараме со Русија кога ќе дојде вистинското време“, рече Кошта. Зборувајќи во Брисел на Денот на Европа, Кошта рече дека ЕУ е подготвена да се вклучи во разговори за праведен и траен мир во Украина. – Ќе треба да се водат разговори со Русија за заедничките безбедносни прашања во соодветен момент – рече Кошта.

ЗАЕДНИЧКИ БЕЗБЕДНОСНИ ПРАШАЊА

Овде веќе има нов момент во односот на ЕУ кон Русија. Таа уште во декември 2021 година бараше од САД и НАТО да се разговара за нејзината безбедност. Украина беше на патот да биде вклучена во НАТО, што за Русија беше и е „црвена линија“. Токму поради нејзината безбедност. САД и НАТО не сакаа да разговараат на таа тема. Па дојде нападот врз Украина. Кошта сега зборува за „заедничките безбедносни прашања“. Што навистина може да доведе до дијалог кој би ставил крај на војната, но и почеток на новата безбедносна архитектура во Европа, која ќе ги почитува безбедносните интереси на сите земји.

Што ќе се прави додека дојде „вистинското време“ за преговори. Најдобра опција е војната да прекине на сегашната линија на фронтот. Русија ќе има под контрола, освоени, речиси 20 проценти од украинската територија.  Би почнале преговори за мировен договор кој би ги решил сите спорни прашања. Колку ќе траат тие преговори и што ќе се случува до нивниот крај на линијата на фронтот? За корејската војна се водени преговори три години, со стотици состаноци, но договор не се постигна, а земјата е поделена и реална е опасноста од војна. Во Париз се водеа неколку години преговори за Виетнам. Сега времињата се други. Силните ја диктираат динамиката на преговорите и се закануваат, барајќи неминовно прифаќање на нивните услови. А тоа не се преговори. Не се знаат ниту целите на  завојуваните страни и на посредниците! Колку се поголеми очекувањата од двете страни дека непријателот е слаб и „пред колапс“, толку подолго ќе се одолговлекува војната, ризикувајќи ескалација на сосема ново ниво. Русија очигледно води војна на истоштување, иако тоа ја истоштува и неа. Украина се истоштува самата, ама ја истоштува и Европа. А лесно може да се појават и нови опасни сценарија. Единствениот начин да се спречат тие сценарија, нуклеарно, на пример, е што побрзо да се запре војната во Украина.

Кон крајот на неделава Доналд Трамп ќе патува во Кина. Ќе има жешка средба и разговори со Шји Џинпинг. И економија и Иран и Тајван...Најверојатно ќе има време да се зборува и за војната во Украина. Нема да изненади, ако се појави некоја нова иницијатива за мир.

Мирче Адамчевски

*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Слично

Поврзани вести