Кои се двата најголеми играчи на македонскиот нафтен пазар?
Двата најголеми играчи на домашниот пазар за малопродажба на нафтени деривати остануваат „Макпетрол“ и „Лукоил“. Иако меѓу нив има голема разлика сепак се издвојуваат од конкуренцијата. И двете бележат растови на приходите и на добивките, но сепак одвај да може да се каже дека „Лукоил“ му е конкурент на „Макпетрол“
Двете најголеми компании за малопродажба на нафтени деривати и лани се „Макпетрол“ и „Лукоил“, покажуваат официјалните финансиски податоци за двата гиганти на македонскиот нафтен пазар. Двете компании заедно лани имаат приходи од 470 милиони евра.
„Макпетрол“ и понатаму суверено го држи приматот џин на македонскиот пазар. Неговата продажба лани надмина 355 милиони евра и тоа е за 17 отсто односно за 51 милиони евра повеќе од претходната година. Компанијата има повеќе од 120 бензински станици во земјава и се друго освен доминација би било изненадување. Неформално со толку малопродажни единици „Макпетрол“ сигурно е најголемиот ланец на малопродажни места за стоки од широка потрошувачка во земјава. Според податоците од единечниот финансиски извештај нето добивката на „Макпетрол“ е 12,65 милиони евра и тоа е податок без останатата сеопфатна добивка која изнесува уште 1,38 милиони евра. Во споредба со лани нето добивката на гигантот е два и пол пати повисока од 2017 година.
„Лукоил“ е три пати помал од „Макпетрол“ и покрај тоа што има раст на приходите од продажба за 18 отсто во однос на 2017 година. Добивката кај „Лукоил“ лани пораснала за 70 отсто во однос на претходната година. Вкупните приходи на „Лукоил“ кој има 4 пати помалку бензински пумпи од „Макпетрол“ (вкупно 30 низ цела држава според официјални податоци од нивната веб страница) лани изнесувале 114 милиони евра и во псоредба со претходната година биле повисоки за 17,4 милиони евра. Нето добивката на компанијата лани е 3,58 милиони евра и е за 71 отсто повисока од 2017 година.
Вредноста на „Лукоил“ (главнина и резерви) е 25 милиони евра, а вредноста на „Макпетрол“ е 71,5 милиони евра. „Лукоил“ лани ангажирал 425 вработени лица, а „Макпетрол“ има повеќе од 1.100 вработени.
Р.Ф.
