Економија, финансии, бизнис

Контакт

Може ли „Хамас“ да ја смрзне ЕУ и зошто природниот гас е ахиловата пета на Израел?

Може ли „Хамас“ да ја смрзне ЕУ и зошто природниот гас е ахиловата пета на Израел?

ЕУ се најде во „офсајд“ во снабдувањето со природен гас. Војната во Израел времено ги запре сите негови платформи за производство на природен гас од кој голем дел требаше да заврши во Египет. Тоа пак беше условот Египет од своите плински платформи да извезува природен гас за ЕУ. Дали некој на „Хамас“ му даде сè што побара за да направи крвав пир врз цивилите во Израел, а тоа произведе крах во снабдувањето со природен гас на ЕУ? Факт е дека терористичката организација го предизвика Израел на крвава, а веројатно и долга војна која сигурно ќе предизвика нова гасна криза во ЕУ. А и ги стави пред голем предизвик високите бирократи во Брисел, кои направија сè за да го заменат рускиот гас со сино гориво од Египет.

На Европската унија ѝ се заканува нова криза со цената на природниот гас и тоа е предизвикано од воениот конфликт во Појасот Газа. По минатонеделниот крвав напад на терористите од „Хамас“ врз цивилни и воени цели во јужен Израел и со прогласувањето на воена состојба во Израел и дигање на борбената готовност на 360.000 војници, министерот за енергетика на оваа земја со декрет времено ги затвори сите израелски наоѓалишта за природен гас.

Станува збор за „Левиатан“ и „Тамар“ (во непосредна близина на Газа) две наголеми платформи за експлоатација на природен гас кои се наоѓаат во Средоземното море покрај брегот и се во сопственост на Израел. Оваа земја во изминативе години стана најголем регионален производител на природен гас извезувајќи во Египет и во Јордан. Значи кога е во прашање овој енергенс Арапите и Евреите се бизнис – партнери.

Трите гасни морски платформи на Израел („Левиатан“, „Тамар“ и „Кариш“) во првите шест месеци годинава произвеле 12,3 милијарди кубни метри природен гас што е рекордно производство, потврдил министерот Исраил Кац. Само за споредба за цела 2022 година трите платформи произвеле 21,9 милијарди кубни метри природен гас.

Зошто „Хамас“ може да ја смрзне Европската унија?

Европската унија, откако лани одлучи да ја исклучи Русија од гасните аранжмани бараше начин да го компензира увозот на „сино гориво“ за своите потреби кое дотогаш го купуваше од руски „Гаспром“.

Европскиот висок естаблишмент во Брисел летово успеа да постигне трипартитен меморандум за снабдување со природен гас со Израел и со Египет. Добитна комбинација биле израелски гас да оди во Египет, египетските извозни капацитети за гас да извезуваат гас за пазарите во ЕУ.

Египет исто како и Израел е голем производител на природен гас. А има и инфраструктура за извоз на природен гас во ЕУ. Но, оваа земја со најголем број жители во арапскиот свет и во северна Африка е и најголем потрошувач на природен гас во тој регион. Растечката домашна потрошувачка е колосална до таа мерка што дури во првата половина на годинава го преполовила египетскиот извоз на гас. Египет има два капацитети за производство на гас наменет за извоз. Тоа е платформата „Идку“ со која оперира мултинационалната корпорација „Шел“ и помалата платформа „Дамиета“ со која управува италијанскиот енергетски гигант „ЕНИ“.

За да бидат ставени во извозен режим тие два производствени капацитети на Египет му бил неопходен израелскиот гас за да го задоволи домашниот пазар. Тоа било решението на Брисел за макар и делумна замена на рускиот гас за европскиот пазар.

Но, војната во Израел ги поремети тие планови. Израелските наоѓалишта за експлоатација на природен гас се затворени најмалку на две недели што значи до 25 октомври. Но, сега никој не може да даде гаранција дека состојбата нема да ескалира и да продолжи суспензијата за производство и извоз на плин.

Каде ЕУ сега ќе бара алтернатива? Ова во моментов е прашање чиј одговор вреди милион долари.

Р.Ф.

foto freepik.com/fanjianhua

Слично

Поврзани вести