Може ли енергетиката да ја трансформира Македонија?
Што покажува соодносот на енергетската потрошувачка (kgoe) и енергетскиот интезитет за македонскиот енергетски сектор, но и воопшто за македонската економија во целина и секако перспектива за идниот развој. Македонија троши двојно помалку просечна енергија споредено со европскиот просек или околу 1450 kgoe по глава на жител, но го има меѓу највисоките енергетски интензитети во Европа. Сепак, состојбата може да се промени со најавените инвестиции во енергетиката и планот за енергетска транзиција.
Од една страна Македонија има помалку потрошувачка на енергија од ЕУ земјите, што значи помалку развиена и индустријализирана економија и лична потрошувачка на енергија, но истовремено и висок енергетски интензитетот.
Според податоците Македонија користи за два до три пати повеќе енергија за да создаде единица вредност БДП во однос на европскиот просек, што се должи на неефикасната енергетска потрошувачка, пред се во транспортот со застарен возен парк, застарени индустриски капацитети кои се „ламји за струја“ и неефикасни системи за загревање, особено во домаќинствата, но и државните институции и дел од приватниот сектор.
Најголем дел од потребата за финална енергија во просек оди за транспорт или околу 44 отсто, следат домаќинството со 26 отсто од потребите за енергија, индустријата со 12 осто, а преостаните 8 осто одат за потребите на земјоделството, јавните услуги и други сектори.
Во однос на транспортот мора да се преземат активни мерки за обнова на возниот парк, но со почитување на новите евро стандарди кои предвидуваат пониски емисии на загадување од возилата, како во делот на потрошувачката на гориво, така и од создавањето на ПМ честички од абењето на гумите и кочниците.
Но, досега македонските влади дозволувале увоз на половни возила од европските депоа со пониски еколошки стандарди за да се задоволат потребите на населението и бизнисот за поевтини и подостапни автомобили, иако сите се свесни дека тие и натаму имаат голем удел во загадувањето.

Домаќинствата најчесто се обвинети дека се главни виновници за загадениот воздух, но ниту една влада не понудила сеопфатна стратегија за замена на неефикасните системи за греење. Субвенциите за инвертери иако се преодно решение од горење дрва за огрев или нафтени деривати, во некои екстремни случаи гуми и пластика, не се целосно решение бидејќи трошат струја која пак, е произведена од лигнит со ниска калоричност и притоа македонските термоелектрани го трујат населението и животната средина.
Затоа новата македонска енергетска стратегија се фокусира на неколку прирорите како што е декарбонизација, односно напуштање на јагленот, диверзификација, односно градење капацитети за апсорбирање на повеќе видови на енергенси вклучително и различни извори на гас, како и стратешки проекти за хидроенергија како што е изградбата на Чебрен-Галиште што ќе биде клучно и за балансирање на системот со капацитетите од обновливите извори на енергија на сонце и ветер.
Зголемените енергетски капацитети треба да ја подобрат македонската енергетска ефикасност и да ја намалат потребата за увоз на енергија од сегашните 65 отсто во просек на под 40 отсто.
Производството од обновливи извори на енергија треба од сегашните околу 30 отсто да се зголеми и да достигне барем 50 отсто од вкупните капацитети и да се поттикне категоријата на потрошувачи-производители, односно домаќинствата, индивидувално или преку енергетски задруги да вложат во сопствено производство на обновлива енергија.
Најавените инвестиции во енергетскиот сектор кои се проценуваат на неколку милијарди евра во следните пет до десет години треба да делуваат трансформативно на македонскиот енергетски сектор, но едно се ветувања, друго е реализација и затоа оваа област мора да се следи со големо внимание и да се очекува одговорност и отчетност на клучните страни во процесите.
Х.С.