МОСТ: Видливото мастило во Кичево и Гостивар се брише
Граѓанската асоцијација МОСТ, која со набљудувачи го следи изборниот процес во Македонија, ги забележа следните неправилности во текот на претпладнето:
- Во населба Драчево, општина Кисела Вода, демолиран е изборен штаб на една политичка партија. Полицијата е на лице место и врши увид.
- На гласачкото место 2713 во општина Аеродром, 15 гласачи не биле запишани во Избирачкиот список и ИО не знаел каде да ги упати;
- На гласачките места 745, 746, 747, 774, 739 и 736 во општина Кичево и гласачкото место 409 во општина Гостивар видливото мастило се брише со влажни марамчиња и ацетон. Дополнително, процедурата на одбележување на палецот со видливото мастило не е спроведувана согласно закон, односно во неколку случаи мастилото е нанесувано само на ноктот на гласачот.
- На гласачките места 407 и 409 во општина Гостивар гласачките паравани се несоодветно поставени со што се нарушува тајноста на гласањето.
- На гласачкото место 2918/1 во општина Бутел, претставник на подносител на кандидатска листа се мешал во работата на ИО и ги поместувал гласачките паравани;
- На гласачко место 0002 во општина Берово, ИО ги читал на глас имињата на дел од гласачите;
- Пред гласачките места 668, 668/1, 669 во општина Кавадарци 2 лица ги евидентирале лицата кои влегуваат на гласачките места.
Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода што ја користи „МОСТ“, одзивот на гласачите до 9 часот е 4,92%, додека до 10 часот е 8,88%.
Слично
