МОСТ: Мирни избори, ама со изолирани тензични ситуации
Првиот круг од претседателските избори помина во мирна атмосфера со изолирани тензични ситуации и релативно висока излезност на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека една политичка партија водеше кампања за бојкот на претседателските избори, оцени Граѓанската асоцијација „МОСТ“.
„Фактот што видливото мастило лесно се отстрануваше беше причина за поголем број издржани реакции од страна на јавноста и гласачите. Ваквата појава несомнено имаше влијание врз довербата на гласачите во изборниот процес“, вели Дарко Алексов од „МОСТ“.
Набљудувачите на оваа невладина организација известиле дека и на овие избори била присутна практиката избирачките одбори на глас да ги читаат имињата на гласачите, што иако не претставува прекршување на законот, сепак е форма на индиректен притисок. Пред објектите на одреден број од гласачките места биле забележани лица кои ги евидентирале граѓаните кои гласаа, што исто така претставува притисок врз гласачите.
Иако било констатирано подобрено спроведување на процедурата на отворање, гласање и броење на гласовите на избирачките места, како и намален број на случаи на групно или семејно гласање, сепак 1.268 лица не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.
Неправилности биле регистрирани и на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите. „Бројот на лица кои се пријавиле за овој вид гласање изнесува 7.386, што претставува намалување во однос на претходните изборни процеси. Сепак, имајќи го во предвид упатството на ДИК за овој вид гласање, оваа бројка се уште е нереално висока. Државната изборна комисија имаше свој удел во намалувањето на оваа бројка со тоа што од дел од општинските изборни комисии ја побара на увид документацијата за пријавените лица и дополнително им наложи дека стриктно треба да се придржуваат до Упатството издадено од ДИК за овој вид гласање. Останува да се надеваме дека оваа бројка нема драстично да се зголеми за парламентарните избори. Што се однесува до текот на овој вид гласање, генералната забелешка е дека во поголемиот дел од случаите не била почитувана тајноста на гласањето и ИО не ја познавале доволно процедурата за спроведување на ова гласање“, објави Алексов.
И на овие избори кандидатите предвреме ја почнале изборната кампања, но за разлика од минатите години таа овојпат била помирна и со реторика која повеќе наликувала на кампања за парламентарни избори, констатира „МОСТ“. Бил забележан намален интензитет на случаи на водење на негативна кампања и користење на службени возила, но од друга страна малолетниците биле злоупотребувани во кампањите на сите политички субјекти. За разлика од досегашните изборни процеси, забележана е намалена транспарентност на работата на Државната изборна комисија со оглед на тоа што 14 од вкупно 38 седници беа одржани без присуство на медиумите и овластените набљудувачи.
Изборниот ден од првиот круг од изборите за претседател на РМ МОСТ го следеше со 580 набљудувачи, притоа покривајќи над 15% од вкупниот број на избирачки места. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор на 12 април беа ангажирани 55 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи – 13 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.
Врз основа на податоците добиени од ПВТ програмата за паралелно пребројување на гласовите одѕивот на гласачките места бил 49,64%. Процентот на неважечки ливчиња е 2,78%. Од важечките ливчиња, гласовите за претседателските кандидати се распределени на следниот начин:
1. Ѓорге Иванов – 53,14%
2. Илјаз Халими – 4,5%
3. Стево Пендаровски – 38,78%
4. Зоран Поповски – 3,58%
Добиените податоци се со 95% сигурност и со маргина на грешка од +/-1%, објави „МОСТ“.
Слично
