МОСТ: ДИК да се издигне над партиските интереси и да ги провери пријавите од граѓаните
Од граѓанската асоцијација МОСТ ја повикаа Државната изборна комисија да се крене над партиските интереси и да изврши теренска проверка на сите пријавени случаи од страна на граѓаните.
Нефункционалниот систем е тој што ја создава недовербата во Избирачкиот список, сметаат од оваа асоцијација посочувајќи ја неопходноста од единствена и воедначена процедура за сите институции кои учествуваат во комплетирањето и водењето на Избирачкиот список.
Од „МОСТ“ излегоа со неколку препораки за водење и ажурирање на Избирачкиот список.
„Ако податоците во личната карта се погрешно запишани, граѓаните треба да се обратат до МВР за да им се издаде нова лична карта со точни податоци, при што за ова МВР не би требало да наплаќа такса, имајќи предвид дека пропустот е направен од нивна страна.
Доколку пак, податоците во личната карта се точни, граѓаните треба да се обратат во подрачната канцеларија на ДИК и да побараат промена на истите во Избирачкиот список“, посочуваат оттаму.
МОСТ упатува апел до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список, било какви притисоци и било каков поткуп на гласачи на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во подобрувањето на изборниот процес. Само преку заеднички напор на институциите и граѓаните може да добиеме Избирачки список и изборен процес во кои сите ќе имаат доверба.
