Москва: Грција направи чекор кон излегување од еврозоната
Грција направи чекор кон излегување од еврозоната. Ова го објави заменик-министерот за економски развој на Русија Алексеј Лихачов, цитиран од агенциите.
Отфрлањето на строгите економски мерки, за што се изјаснија граѓаните на референдумот, не значи автоматски излез на Грција од еврозоната, истакнал сепак Лихачов.
„Покрај тоа, очигледно е дека денеска преговорите меѓу грчките власти и кредиторите ќе бидат поактивни. Но не може да не се сфати дека неделното „Не“ е чекор кон излез од еврозоната“, додал заменик-министерот.
Според него, евентуалното одбивање на Грција од еврото ќе биде шок терапија за ЕУ, но во среднорочна перспектива ќе ја поправи еврозоната. Лихачов потсети дека од 2008 година грчката економија покажа „неможност да постои во еврозоната од објективни причини“.
„Така е конструирана грчката економија, така е конструирана власта во Грција, тие се покажаа неподготвени да постојат во овие строги закони на еврозоната, на кои им се наложи да работат“, посочил тој.
Тој истакнал дека предложените од ЕУ мерки не би можеле да ги решат економските проблеми на Грција, туку само би го одложиле нивно решавање во неодредена перспектива. Лихачов исто така, изразил мислење дека во случај на излегување од еврозоната, при зачувување на политичката стабилност, Грција во перспектива може да стане привлечна за странските инвеститори.
